Најбарани се оние предмети чија изработка е од камен, бидејќи тој најубаво се вклопува во надворешниот амбиент, вели Илиоски

Љубовта кон природните материјали, прилепчанецот Робертино Илиоски го поттикнала слободните часови да ги претвори во креативно време. Од пред две години тој започнал со изработка на макети на цркви, манастири и стари селски куќи, што му претставувало вистински предизвик во творештвото. Големата љубов за создавање на нешто ново и уникатно е најголемиот мотив да започне да се занимава со изработка на овие макети.
– Во почетокот беше само хоби, но веќе со првите неколку изработки голем број луѓе сакаа да имаат токму вакви украси, па започнав со изработка и на макети по нарачка – ја започна својата приказна Робертино.

Најчесто луѓето макетите ги нарачувале за декорација на нивните градини, бидејќи навистина претставуваат убав и несекојдневен украс.

– Времето на изработка зависи од големината на тоа што се изработува, но минимално мене ми се потребни десетина дена. Најбарани се оние предмети чија изработка е од камен, бидејќи тој најубаво се вклопува во надворешниот амбиент. Постојат и други варијанти каде што се комбинира со абрип, дрво, лим и слично. Пример за таква комбинација на дрво и камен се автентичните македонски селски куќарки, кои луѓето сѐ почесто ги бараат. Интересот е голем – вели Илиоски.

Тој дополни дека во последните 3-4 месеци изработува и слики и икони со специјална техника, на парче дрво.

– Ваквата изработка е многу ретка, можеби единствена во Македонија, за што сум особено горд. Примамливата цена им дозволува на луѓето да ги нарачаат за себе, но и како уникатен подарок. Во зависност од желбата, сликите и иконите можат да бидат во разни димензии и модели – ни рече младиот автор, кој неуморно ја пренесува неговата љубов кон ракотворбите, изработувајќи ги во секаква форма.

Деновиве Робертино е преокупиран со изработка на мини етносело кај семејството Ковилоски.

– Прво, во градината е поставена црквичката, потоа следува поставување на автентични македонски куќарки, воденица и други дополнителни елементи, со кои ќе се комплетира во целост проектот етносело – вели тој.