И оваа година, по седумнаесетти пат, Црвен крст на Град Скопје и републичкиот Црвен крст – Општинска организација Центар, во соработка со ИТМ, ќе ја организираат традиционалната крводарителската акција во спомен на роденденот на големиот хуманист и крводарител Тоше Проески, кого, за жал, прерано го загубивме.
Крводарителската акција ќе се реализира на 25 јануари (понеделник), во холот на Домот на АРМ во Скопје, во периодот од 9 до 17 часот.
– Оваа крводарителска акција веќе стана препознатлива во нашиот град и е посетена од голем број граѓани, а пред сѐ од помладата популација, која во ликот на Тоше Проески препознава пример на хуманост. Досега на овие акции се реализирани 4.829 единици крв. При спроведувањето на акцијата, Црвениот крст и Институтот за трансфузиска медицина ќе се погрижат сите дарители и лица ангажирани за реализација на акцијата да ги почитуваат сите пропишани мерки и протоколи за заштита и самозаштита од ковид-19 – велат организаторите на настанот.