Љубовната приказна за штрковите Малена и Клепетан, која одамна го обиколи светот, деновиве беше прекината по 19 години, со загинување на женката.
Сѐ започнало во 2002 година кога Малена, штрк со скршено крило, ја пронашла љубовта на својот живот во Клепетан, кој секоја година, сѐ досега, верно се враќал од Африка во хрватскиот град Славонски Брод.
Пензионерот Стјепан Вокиќ, вдовец од овој град, ја пронашол Малена пред 28 години со скршено крило и ѝ го спасил животот, а таа му останала верна и живеела на покривот на неговата куќа. Секоја пролет Малена со радост го дочекувала својот партнер Клепетан. Во своето гнездо тие на свет донеле 66 пилиња, пренесе „Танјуг“. За оваа необична љубовна приказна се снимени голем број прилози, посветени им се и театарска претстава и два документарни филма, од кои еден е снимен за Би-би-си.
Веста за смртта на Малена потресе многумина во регионот, а Вокиќ за хрватскиот портал „Индекс.хр“ раскажал дека таа 11 дена не сакала да јаде.
– Се обидов да ја хранам, цело време беше со мене во куќата… И Клепетан е уште тука, но не сака да оди во нивното гнездо. Тој и натаму мисли дека Малена е тука некаде и ќе се врати – раскажал Вокиќ.