По огромниот притисок од активистите низ светот, кинеските власти конечно попуштија и почнуваат да ги менуваат своите закони за да го олеснат страдањето на животните што се користат за истражување во лабораториите. Од минатиот месец, козметичките компании што влегуваат на кинескиот пазар нема да смеат да ги тестираат своите производи на животни, иако постојат исклучоци.
Новите одредби се однесуваат на производи како што се шампони, гелови за туширање или кармини, кои во иднина нема да мора да бидат потврдени дека претходно биле тестирани на животни. За многу компании ова е одлична вест, бидејќи не можеле да бидат етикетирани како пријателски настроени кон животните, затоа што, ако сакаат да бидат присутни на кинескиот, еден од најголемите пазари во светот, требаше да тестираат сè врз животни.
Активистите ја поздравуваат промената, но велат дека ова е само делумна победа, иако тие не спорат дека ова е голем напредок во заштитата на правата на животните.
– Лабораториски тестови и понатаму ќе бидат потребни за производи како што се бои за коса или кремови за сончање. Многу компании, исто така, ќе мораат да аплицираат за специјално ослободување од тестирање врз животни, доколку сакаат да ги продаваат своите производи во Кина, а оние што ќе бидат одбиени, ќе мора да ги испраќаат своите производи да бидат тестирани врз животни – рече РСЦАП, британската организација што се бори против суровоста кон животните.