Занимливости

Кралските гробишта во Ур се составен дел од археолошките остатоци на сумерскиот град Ур, кој се наоѓал Месопотамија, денес во јужниот дел на државата Ирак. И покрај именувањето како кралски гробишта, станува збор за погребувања машки и женски тела од различна социјална структура, но името го добиваат благодарение на неколкуте богати гробници во кои биле погребани владетелите на овој сумерски град.
Првите археолошки ископувања се под раководство на британскиот археолог Леонард Вули, во соработка со Британскиот музеј и Музејот за археологија и антропологија при универзитетот „Пенсилванија“.
Гробниците биле случајно пронајдени во 1922 година, кога Вули сакал да ги открие архитектонскиот изглед и големината на градот Ур. Во почетокот не било најдено ништо, но британскиот археолог решил да копа уште подлабоко. Упорноста му се исплатела, Вули и неговите соработници пронашле 1.859 гробници, а подоцна и дополнителни 250. Бидејќи археологијата сѐ уште се развивала како наука, постоел проблем за датирањето на предметите, така што првичната процена била дека тие потекнуваат од доцниот период на Вавилон, околу 700 години пред нашата ера, меѓутоа предметите всушност датирале од Саргон Први, околу 2.300 години пред нашата ера.

Целиот археолошки локалитет се состои од 2.000 гробни места, а 16 од нив се идентификувани како кралски гробници поради богатите наоди, големината, структурата, разновидноста, како и постоењето на артефакти што посочуваат на масовни ритуали.
Најголемиот дел од богатите наоди е откриен во кралските гробници, а многу од предметите потекнуваат од Авганистан, Египет и од Индија. Меѓу нив има цилиндрични печати, грнчарија, накит, метални предмети, музички инструменти и др. На цилиндричните печати биле запишувани имињата на владетелите, а откриени се три цилиндрични печати со натписи на клинесто писмо. Накитот е изработен од злато, сребро, лапис лазули, има најразлични ѓердани, обетки, прстени и сл. Орнаментите за коса се состојат од чешли за коса со цветни елементи, изработени од злато и школки. Откриени се и ленти за коса од злато и сребро. Најголемиот дел од накитот има вегетативна симболика, како што се венците обликувани од златни лисја.

Во гробниците се откриени шлемови, бодежи и разни садови од бакар, сребро и злато. Еден од највпечатливите предмети е шлемот на владетелот Мескаламдуг, изработен од злато, а откриен од Леонард Вули. Меѓу значајните предмети е т.н. Бодеж од Ур, изработен од злато и лапис лазули. Меѓу откритијата има и неколку украсени музички инструменти. Има неколку харфи од дрвена конструкција, меѓутоа украсени со сребро и школки. Харфите најчесто вклучувале претстава на животни – крава, елен, бик и др.
Големите гробишта во Ур биле во функција околу три века, во текот на втората половина на третиот милениум пред нашата ера. Најголемиот дел од археолошките наоди денес се наоѓа во Ирачкиот национален музеј во Багдад и во Британскиот музеј.