Првата дама на САД, Меланија Трамп, се очекува да ги претстави плановите за реновирање на градината во Белата куќа, додека кампањата за реизбор на претседателот Доналд Трамп влегува во завршната фаза, наспроти критиките и опаѓањето на неговиот рејтинг, пишува „Њузвик“.

Вестите за реновирањето на градината, за кое извести „Њујорк тајмс, покрена бран прашања на социјалните мрежи за финансирањето на потфатот. Додека милиони Американци се справуваат со невработеноста и финансиските проблеми предизвикани од пандемијата, дел од корисниците на Твитер изразија незадоволство поради можноста обновата на градината да биде финансирана од парите на даночните обврзници.

Претставник на администрацијата на Трамп, во изјава за „Њујорк тајмс“ истакна дека реновирањето на градината е финансирано од приватни донатори, со поддршка на Националната служба за паркови.

Визијата на Меланија Трамп за дворот на Белата куќа, кој се наоѓа пред Овалната канцеларија и служи за одржување на прес-конференции и други настани, ќе потсетува на оригиналниот изглед на градината.

Објавата за реновирање на градината доаѓа во време кога претседателот Доналд Трамп, според политичките аналитичари, ја прифаќа „стратегијата роуз гарден“, во пресрет на изборите во ноември. Според анкетите, претседателот заостанува зад кандидатот на Демократската партија Џо Бајден на 100 дена до изборите.