Култниот филмаџија го лансира „Беше еднаш во Холивуд“, својот деветти филм ова лето, изјавувајќи дека ќе се повлече по следниот, десетти по ред. Се шпекулира дека тоа може да биде филм од серијалот „Ѕвездени патеки“, „Убиј го Бил 3“, „Џанго Разуздениот“….

Филмскиот спектакл „Беше еднаш во Холивуд“, деветтиот филм на Квентин Тарантино, кој се прикажува и во нашите кина, филмските зависници и публиката низ светот го чекаа со нетрпение. Иако тоа е веќе вообичаен тренд кога се работи за овој режисер, чии достигнувања секогаш се сметаат за величествен филмски настан, „Беше еднаш во Холивуд“ во себе содржи една посебна специфика и важност: освен фактот што се работи за најнов филм на Квентин, тоа најверојатно ќе биде и претпоследно негово филмско остварување.

Пред многу години, овој автор без влакна на јазикот изјави дека планира да се повлече од филмската режија откако ќе го заврши својот десетти филм. Со оглед на тоа дека „Беше еднаш во Холивуд“ е деветти, останува прашањето кој ќе биде последниот филм на Тарантино.

Можеби веќе го знаеме одговорот. Уште од 2017 г., филмскиот творец јасно и гласно зборуваше за својот план да режира филм од серијалот „Ѕвездени патеки“ за продуцентот Џ.Џ. Абрамс и студиото „Парамаунт“. Во едно неодамнешно интервју тој ја потврди својата заинтересираност за овој проект, како и својата решеност да си замине од режисерското столче по своето десетто режисерско остварување. Намерата за „спуштање на завесата“ токму на палубата на вселенскиот брод „Ентерпрајз“ кај неговите обожаватели беше протолкувана како апсурдна.

– Веројатно има некаква дупка во целава работа. Можам да го сработам, но се разбира дека ќе излезе оти се враќам на оригиналот. Но идејата за вкупно 10 филма не треба да содржи дупки. Всушност, ако се решам да го режирам овој филм, би требало целосно да му се посветам. Тоа ќе биде мојот последен филм. Ништо не треба да оди наопаку во врска со него. Не знам дали ќе го направам тоа, но можно е да се случи – се чини дека режисерот однапред ја предвиде ваквата реакција на своите обожаватели, изјавувајќи за „Синема бленд“.

И покрај различните квалификации во рамките на неговите изјави, се чини дека последното режисерско остварување на Тарантино сепак може да биде токму „Ѕвездени патеки“. Притоа, еден чуден факт ја прави оваа идеја уште поневеројатна – најпрво, никој не очекуваше дека ќе се снима уште една верзија на „Ѕвездени патеки“, која ќе биде забранета за публика помлада од 17 години, особено кога станува збор за веројатно најбескомпромисниот и најконтроверзен американски режисер во изминативе 25 години! Уште почуден е фактот дека Марк Л. Смит, кој беше коавтор на филмот „Повратник“, овде настапува во улога на сценарист. Доколку проектот почне да се реализира со договорената екипа, тоа ќе значи влез на Тарантино во веќе постојна кинематографска франшиза, но и режирање на првиот филм што нема да е негово авторско дело. Со оглед на тоа колку гласно зборуваше за својот процес на пишување во текот на сиве овие години, ставајќи го на исто рамниште со својата режисерска работа, ова е можеби и најголемото изненадување за неговата публика.

На прв поглед, „Беше еднаш во Холивуд“, кој го прикажува судирот во односите меѓу една фиктивна ТВ-ѕвезда на раб на застареност (Леонардо ди Каприо), неговиот долгогодишен пријател и каскадер (Бред Пит), неговата нова сосетка, вистинската актерка Шерон Тејт (Маргот Роби) и фаталниот култ на Чарлс Менсон во летото 1969 година – се чини дека е негов најличен филм досега, но и јасен одраз на неговите главни интереси и опсесии: филмот и телевизијата (поточно, филмовите и емисиите со кои пораснал); неговиот роден град Лос Анџелес (прикажан онаков каков што бил во неговото рано детство); вкрстувањето на американската историја и митологија; конечно, и актерската вештина (неговата изворна професија и веројатно најчесто истражуваната тема во текот на неговата кариера).

Можеби намерата на Тарантино е „Беше еднаш во Холивуд“ да остане негов последен интимен печат врз сопствениот режисерски опус, како и во изборот да се повлече по еден високобуџетен уметнички филмски спектакл, поинаков од вообичаеното, ако заради ништо друго, тогаш само заради уживање во забавата.
Се разбира, ваквите претпоставки мора да ја земат предвид историјата на проектите за кои Тарантино беше приврзан во текот на годините, но не добија свои продолженија. Најважни во оваа низа, секако, се „Касапски кучиња“, „Евтини приказни“ со ликовите на браќата Вега, олицетворени во Мајкл Медсен и Џон Траволта, адаптацијата на каубојската новела „40 камшици минус еден“ на авторот Елмор Леонард; биографијата на аболиционистот отпадник Џон Браун; големото враќање на „Неславни копилиња“ со продолжението насловено „Убиецот“ (приказна за една здивена воена единица составена од војници црнци што одат во убиствен поход врз своите расистички колеги белци додека се борат во странство) и, се разбира, третиот дел од маестралниот „Убиј го Бил“, за кој размислуваше до крајот на 2015-та.

Но, со оглед на контроверзната повреда на водечката актерка Ума Турман за време на снимањето на првиот дел, за која многумина сметаат дека била по вина на Тарантино, како и третманот што таа го добиваше од веќе јавно осрамотениот продуцент Харви Вајнстајн, ваквата можност изгледа тешко изводлива (иако самата Турман не ја отфрли целосно како идеја).

Сепак, иако обожавателите на „Убиј го Бил“ не може да очекуваат дека ќе ги видат новите авантури на Невестата во блиска иднина, во тек на подготовки е продолжение на еден друг акциски одмазднички филмски спектакл од работилницата на Тарантино. Неодамна беше објавено дека Тарантино го ангажирал актерот комичар Џерод Кармајкл да напише сценарио за адаптација на Џанго/Зоро за потребите на студиото „Сони“.
Оваа стрип-фабула, креирана од перото на Тарантино и Мет Вагнер, ни ги прикажува постојаните авантури на славниот ослободен роб од филмот „Џанго Разуздениот“, кој се здружува со мексиканскиот суперхерој Зоро. Засега Тарантино е поставен за извршен продуцент на филмот, без режисерски аспирации.

Иако Тарантино изјави дека речиси завршил со играните филмови, тешко е веројатно дека е подготвен за изолација, затоа што веќе вети дека ќе го сврти своето внимание кон други видови креативна активност, како што се театарот, романите и филмската критика (тој исто така покажа заинтересираност за долги раскази, а неговиот неодамнешен надзор над мини-серијата „Осумтемина омразени“ за Нетфликс покажува дека не е противник на мултимедијалните платформи).

Објаснувајќи ги своите причини за раното пензионирање од филмската индустрија, Тарантино во еден миг изјави: „Сакам триумфално да ја спуштам завесата. Готово. И да им кажам на сите: Ајде, ако можете, направете нешто подобро од ова!“ В.Б.Н.