Сопругот на Камала Харис, познатиот адвокат Даглас Емхоф, може за прв пат во историјата на САД да стане втор џентлмен, откако Харис беше избрана за кандидат за потпретседател на Џо Бајден за претстојните американски претседателски избори, пишува „Индипендент“.

Емхоф се запознал со Харис на „состанок на слепо” организиран од познатиот филмаџија Реџиналд Хадлин. Емхоф бил на деловна средба со Хадлин и со неговата сопруга Крисет, блиска пријателка со Харис. Во тоа време Харис била главен правен советник на властите на Калифорнија. Потоа Емхоф ја повикал Харис на прв состанок. Харис подоцна го опишала потегот како „шармантен“, во своите мемоари.

– Утрото по првата средба, Даг ми испрати порака на мејл со список со датуми кога е слободен за следните неколку месеци, пишувајќи, јас сум премногу стар за да играм игри. Навистина ми се допаѓаш, и сакам да видам дали можеме да функционираме  – навела Харис во своите мемоари.

Една година подоцна, парот се венчал на мала, интимна церемонија во судот на Санта Барбара, во август 2014 година.

Емхоф пораснал во Бруклин, Њујорк, каде неговиот татко бил дизајнер на женски чевли. Семејството се преселило во Њу Џерси, а потоа и во Лос Анџелес, кога Емхоф бил тинејџер.

Таму Емхоф останал до дипломирање на правниот факултет, бидејќи учел во државен универзитет во Калифорнија „Нортриџ“, и на „ Гулд“, правниот факултет при Универзитетот на Јужна Калифорнија.

По завршување на студиите тој станал адвокат кој работел во американската индустрија за забава, застапувајќи познати клиенти, вклучувајќи го и Вили Галт поранешниот НФЛ-играч на Чикаго Берс.

Тој сега е партнер во адвокатската фирма „Ди-ел-еј Пајпер“, која „застапува големи домашни и меѓународни корпорации , познати и влијателни поединци во сложените спорови поврзани со нивните деловни активности, недвижности и интелектуална сопственост“.

Пред да се сретне со Харис, адвокатот бил во брак со својата прва сопруга, со која има две деца Кол и Ела. По разводот, тие „останале блиски“ и така заеднички ги подигале своите деца. Харис, исто така воспоставила блиска врска со децата, кои се сега во раните 20-ти години, и тие нагалено ја нарекуваат со терминот „Момала“ кој потекнува од нејзиното име Камала.