Камала Харис на 20 јануари ќе даде заклетва како прва потпретседателка на Соединетите Американски Држави. Првпат жена со потекло од Јужна Азија ќе биде на оваа функција. Цел свет ќе ја гледа, внимавајќи на сите детали од говорот на избраната потпретседателка, како и на облеката што ќе ја носи на свечената церемонија, пренесуваат светските медиуми.

Зборовите и облеката испраќаат порака за она за што залага првата жена-потпретседателка и кои се вредностите што таа сака да ги проектира. Модата и политиката во тие кругови за жените значат дека се принудени да бидат повнимателни од нивните машки колеги, бидејќи се предмет на далеку поостри критики.

Харис ја погодува вистинската нота со леснотија, претпочитајќи добро скроени панталони или блејзери и фармерки, со стил што покажува разиграна и самоуверена личност, како што се патиките „Конверс“ или чизми од „Тимберленд“ но и бисери како обележје на нејзиното факултетско сестринство „Алфа Капа Алфа“. Таа ја разбира симболиката што облеката може да ја носи. Забележливо беше кога избра да облече целосно бел костум на Каролина Херера на изборната вечер, како одобрување на бојата што ја носеле суфражетките кои се залагале за право на гласање на жените на избори. „Суфражет“ е активистичка организација на жени формирана на почетокот на 20-от век, која со слоганот „Гласови за жени“ се борела за правото на гласање на избори.

На денот на инаугурацијата, ќе може да се види потпретседателката во најформална облека. Првпат додека ја дава својата заклетва и потоа на подиумот за балот за инаугурација.

Харис вообичаено носи костуми од европски дизајнери како Валентино и Макс Мара, но сега се претпоставува дека таа ќе носи облека од американски дизајнер. Тој дизајнер ќе има поголема можност за популаризација, а во исто време американската мода би можела да го искористи тоа како поттик.

Медиумите претпоставуваат дека има 11 кандидати, модни креатори кои се борат за честа да ја облечат идната потпретседателка. Меѓу нив се, Брендон Максвел, Фир оф год, Каролина Херера, Кристофер Џон Роџерс, Питер До, Карли Кашни, Прабал Гурунг, Пиер Мос, Ралф Лорен и Џозеф Алтузара.

Њујоркшиот дизајнер Џозеф Алтузара би бил природен избор за дневен костум и вечерна тоалета. Добро познатиот Алтузара несомнено би заел како да ја облече Харис за да изгледа и зрачи паметно за време на големиот ден. Тој исто така е познат по тоа што ги облекуваше Мишел Обама и Меган Маркл, кои се познати по ненаметливиот стил.