Во контејнер, поставен на паркинг во Германија, неодамна едно лице случајно пронашло две многу вредни масла на платно, стари 350 години.
– Сликите се пронајдени на постојка за одмор на патот А7, во близината на јужниот град Нирнберг – објави германската полиција.

Пронаоѓачот ги однел сликите во полицијата во Келн. Првичните експертски процени сугерираат дека и двете слики може да бидат оригинални.

Едната најверојатно е „Портрет на момче“ од Самуел ван Хогстратен, холандски сликар од 17 век, кој му бил ученик на Рембрант, а втората – „Автопортрет на уметник“, од италијанскиот сликар Пјетро Белоти од истиот век.

Властите сега се обидуваат да откријат како овие два дела завршиле во отпад.
Полицијата ги објави сликите на интернет, прашувајќи: „Кој ги препознава овие слики и кој знае како завршиле во отпад?“