фото: илустрација

Голем број на млади луѓе од Македонија, поради лошите услови за работа и малите плати, започнаа да си ја бараат среќата на бродовите за кристарење, со надеж дека добро ќе заработат и дома ќе донесат пари. Иако првично одењето на брод изгледа перспективно и нуди можност за големи заработки, работата е долга и напорна, а условите за работа се навистина лоши. Па така, светските медиуми истражија – која е најтешката работа на бродовите за крстарење?

Постојат голем број на физички тешки и макотрпни работни позиции на бродовите за крстарење, но една од најтешките позиции е на таканаречените „јутилити“ работници, кои често работат од 12 до 14 часови дневно, седум дена во неделата за плата од 500 до 700 долари месечно, пренесува „Бизнис инсајдер“.

Адвокатот Мајкл Гулифорд за американскиот медиум откри дека „јутилити“ работниците ја имаат најтешката работа на овие долги патувања, а нивата работа подразбира вршење на тешки физички задачи во и околу кујната, како што се исфрлање на тешки кеси со отпад, чистење на кујната со врела вода и користење на опасни хемикалии за дезинфекција на опремата без соодветна заштитна опрема. Гулифорд секојдневно се соочува со клиенти кои останале слепи поради тоа што при работата хемикалии за чистење им влегле во очите или им ја оштетило кожата.

Покрај тоа што работат долги смени, работниците често пати немаат можност да земаат паузи од работата, но на крајот од работното време супервизорите во евиденцијата ги приморуваат да запишат дека всушност ги земале тие паузи. Манипулацијата со одработените часови е чест проблем на овие бродови, бидејќи институциите кои ги контролираат овие работи не се во можност да ги проверат условите за работа.

Додека работата на т.н. „јутилити“ работниците е најтешка, келнерите и собарите кои ги чистат кабините на патиците исто така имаат тешка и мачна работа. Келнерите секојдневно мораат да носат тешки послужавници, долгите смени и работни часови често предизвикуваат повреди на `рбетниот столб и рамењата на овие луѓе. Собарите, пак, мораат да работат со огромна брзина, особено пред и откако патиците ќе се сместат на бродот, па така некогаш мора да исчистат дури 20 кабини за само 3 часа. Келнерите за смени од 10 до 12 часа заработуваат од 1.200 до 1.500 долари месечно, а за истите пари собарите се на повик 24 часа од денот.

Иако бродовите за крстарење мораат да почитуваат одредени претходно поставени правила од регулаторните тела, често пати овие правила и закони не се почитуваат и се заобиколуваат, за поголема заработка на компаниите кои ги вработуваат луѓето.