Експертите открија „супербилка“ што беше пронајдена во Велика Британија, која помага во намалување на загадувањето.
Научниците од Кралското хортикултурно друштво ја набљудуваа ефективноста на живата ограда за апсорпција на загадениот воздух, споредувајќи различни видови грмушки, вклучувајќи вид на грмушката котонестер, глог и западна туја.
Притоа откриле дека погустиот влакнест лист на котонестерот е најмалку 20 отсто поефикасен во апсорпцијата на загадувањето кај патиштата со густ сообраќај во споредба со другите грмушки.
Оваа грмушка, во зависност од видот, може да биде зимзелена или листопадна. Повеќето котонестерски дрвја се високоразгранети грмушки, кои често се користат за уредување на патишта и улици. Во градовите честопати можете да сретнете жива ограда од такво растение. Растението има и ситен црвен или црн плод. Оваа многу бавно растечка грмушка може да се одгледува на истото место околу 50 години, а во некои случаи и подолго.

Котонестерот е способен да го апсорбира загадувањето од автомобилите што поминале стотици километри за само една недела, информираат експертите.
– На главните градски патишта со голем сообраќај, откривме дека видовите со покомплексни густи крошни, груби и влакнести лисја, како што е котонестерот, се најефикасни. Знаеме дека за само седум дена, еден метар добро одгледувана густа жива ограда ќе го избрише истото количество загадување што го испушта автомобилот што вози околу 800 километри – изјави главната истражувачка Тијана Блануза.
Таа рече дека котонестерот ќе биде идеален за садење покрај фреквентни патишта каде што има премногу загадување, додека во други области со помалку сообраќај, ќе се препорача комбинација од повеќе видови.