Еден париски инженер во 1946 година го претставил „скандалозниот“ костим за капење за дами – бикини, кој на плажа или на базен повеќе откривал отколку што сокривал. Тој модел, поради своите димензии, секогаш ги кревал на нозе „заштитниците на моралот“, пишува „Дојче веле“.
Но пред 75 години, машинскиот инженер Луј Реар не можел да пронајде професионална моделка што би се согласила да ја облече неговата креација, така што за презентација на својот нов костим за капење, на 5 јули 1946 година, морал да ја ангажира стриптизетата Мишлен Бернардин.
Но и називот на костимот воопшто не е случаен. Само четири дена порано, Американците го извеле првиот атомски тест на островот Бикини во Пацификот. Таму е детонирана атомска бомба од 23 килотони, но ефектот што го имал новиот костим за капење лансиран од Париз, врз целата светска јавност, бил многу поголем. Реар не згрешил во врска со претпоставката дека толку гола кожа за она време можеби, сепак, не е премногу.

Самонаречените „чувари на моралот“ биле вчудовидени, бидејќи сметале дека една пристојна жена, само една година по завршувањето на Втората светска војна, треба да носи здолниште, а не толку бесрамно да ги покажува своите облини, го пренесува Танјуг пишувањето на „Дојче веле“. Иако оваа креација веднаш предизвикала големо внимание, пред сѐ кај мажите, костимот „бикини“ уште долго бил „забранета зона“, па дури и познатиот моден магазин „Вог“ уште долго не сакал да објави фотографии на модели во такви бесрамни костими. Но сѐ поголем број познати жени не се срамеле да се појават на плажа во бикини, а во тоа предничеле Мерилин Монро и Брижит Бардо.
Во кината во 1962 година се појавил првиот филм за легендарниот британски таен агент Џејмс Бонс, „Доктор Но“, кога за многумина најнапната сцена била онаа кога Урсула Андрес излегува од водата облечена во бели бикини. Тој момент во историјата ќе влезе како „Д-р Но бикини“, со што конечно му е отворена вратата на ова минимално парче облека.
Значи, жените во 1960-тите години, дефинитивно, престанале да прашуваат кого било што смеат да носат на плажа, пишува „Дојче веле“.
Меѓутоа, фасцинацијата со бикините не престанала ни подоцна, па, така, и во 1980-тите и 1990-тите врв на некоја модна ревија не била венчаница, туку бикини и мода за плажа, а манекенките се натпреварувале која ќе ги носи на модната писта.