Облакот со азот диоксид што во текот на јануари бил над Кина, исчезнал во февруари. Научниците на НАСА потврдија дека дошло до слични намалувања на емисиите и во други земји, во текот на редукцијата на економските активности, откако се спроведени мерките за изолација поради коронавирусот

Научниците тврдат дека последните слики од градовите во кои е во сила карантинот му одржале неколку корисни лекции на човештвото.
Италија, каде што жариштето на епидемијата е најголемо во светот, по она во Кина, очајнички се труди да се справи со вирусот, па за таа цел во прекин е водениот сообраќај. Државата, која се најде во голема опасност поради коронавирусот, доживеа и позитивни промени, на кои никој не сметаше. Ограниченото движење на населението и делумниот прекин на стопанските активности ги намалија загадувањето и емисијата на штетни гасови. Во каналите во Венеција, кои со години беа заматени, по прогласувањето на пандемијата, водата стана побистра и во неа, по подолго време, може да се видат риби.
– Иако состојбата е сериозна, стручњаците велат дека овие мерки би можеле да послужат како рецепт за ублажување на најдеструктивното влијание на климатските промени. Сегашните мерки може да помогнат за спречување на еколошката криза, која нѐ очекува во иднина – вели истражувачот Кристофер Џонс од Универзитетот во Беркли.
Сателитските снимки покажуваат дека привремените мерки доведоа до намалување на концентрацијата на штетни гасови.
– Јаглерод диоксидот е во директна врска со индустриските активности, производството на струја и со превозот. Рестриктивните мерки што влијаат на стопанството ги намалуваат гасовите, кои создаваат ефект на стаклена градина – објаснува Џонс.

Намалена загаденоста во Кина

Епидемијата првпат се појави во Вухан во декември минатата година. Поради брзото ширење во другите кинески провинции, Владата го стави градот од околу 11 милиони луѓе во целосна изолација. Последната мерка беше забрана на движење на 60 милиони луѓе во провинцијата Хубеи. Наведените мерки на кинеската влада ги запреа стопанските активности, но и воздушниот, патниот и железничкиот сообраќај.
Аналитичарката на финскиот центар за истражување на енергијата и чистиот воздух Лори Миливирта вели дека мерките на кинеската влада го намалиле нивото на јаглерод диоксид во текот на јануари за 25 отсто, во споредба со истиот период минатата година. Таа додава дека индустриските активности во одделни сектори се намалени од 15 до 40 проценти, а потрошувачката на јаглен е помала за 36 отсто.
Сателитите на НАСА и на Европската вселенска агенција за надгледување на загадувањето забележале драстично намалување на штетните гасови над Кина во текот на првите две недели во февруари, додека карантинот бил во сила. Регистрирана е концентрација на азот диоксид, кој го ослободуваат автомобилите, централите и индустриските постројки.
Облакот со азот диоксид што во текот на јануари бил над Кина, исчезнал во февруари. Научниците на НАСА потврдија дека дошло до слични намалувања на емисиите и во други земји, во текот на редукцијата на економските активности, но наглото намалување на загадениот воздух во Кина не може да се игнорира.
– Првпат видов ваков драматичен пад на загадувањето на огромен простор – изјави истражувачот на НАСА за проучување на квалитетот на воздухот, Феи Лиу.

Концентрацијата на азот диоксид помала во Италија

Намалено загадување е забележано и во Италија, која по Кина стана второ жариште на пандемијата. Северниот регион Ломбардија е ставен во карантин, а по два дена во карантин беше целата држава. Концентрацијата на азот диоксид над Италија доживеа намалување што може да се спореди со она во Кина. „Вашингтон пост“ јави дека намалувањето на загадувањето е најизразено на север на земјата. Штетните гасови ги надразнуваат органите за дишење, а преголемата изложеност е еден од причинителите за појава на астма и воспаление на белите дробови. Со проучувањето на промената на неговата концентрација може да се открие начинот за намалување на афектот на стаклената градина, најголемиот причинител за глобалното загревање на планетата, пишува Ен-би-си.
– Луѓето останаа во домовите и ги запреа многубројните активности што емитуваа штетни гасови и предизвикуваа ефект на стаклена градина – објаснува докторката Жаклин Клоп од Центарот за истражување на урбаниот развој на Универзитетот во Колумбија.
Стручњаците предупредуваат дека овие појави се привремени и оти новата емисија на штетни гасови би можела да следува по завршувањето на епидемијата, кога ќе почне заздравувањето на економијата.
– Пред да почнат владите со мерките, мораме да мислиме на приоритетите. Решавањето на структурните проблеми би можело да пронајде начин за заздравување на економијата, но во исто време и да го намали загадувањето – смета Клоп. М.Т.