Објавена листата на најбезбедни градови за 2021 година

Безбедноста одамна е најважната грижа на патниците кога одлучуваат за некоја дестинација за посета. Меѓутоа, светот се промени во последниве години поради глобалната пандемија, па перцепцијата за тоа што е некаде „безбедно“ е значително различна. Тоа може да се објасни со индексот за безбедни градови (ЕКИ) на „Економист интелиџенс јунит“, кој рангира 60 меѓународни дестинации во дигиталната безбедност, здравството, инфраструктурата, личната безбедност, како и животната средина, нова категорија за оваа година, пишува „Си-ен-ен“.
Азиските градови како Токио, Сингапур и Осака постојано го заземаа првото место од година на година, а сега европска дестинација ја зазема позицијата број еден за 2021 година.
Копенхаген првпат беше прогласен за најбезбеден град во светот, постигнувајќи 82,4 поени од 100 во годишниот извештај. Главниот град на Данска од осмото место во 2019 година скокна на врвот на листата, главно, благодарение на воведувањето на делот за заштита на животната средина, во кој градот постигна особено добри резултати, заедно со личната заштита.
– Еден од клучните фактори што го прават Копенхаген толку безбеден град е неговата ниска стапка на криминал, која во моментов е на најниско ниво во повеќе од една деценија – вели Ларс Вајс, градоначалник на Копенхаген.
Копенхаген, исто така, се карактеризира со голема социјална кохезија и релативно мал јаз во социјалниот статус на жителите. Тоа е мешан град, каде што хигиеничарката и извршниот директор се среќаваат во локален супермаркет и нивните деца одат во исто училиште.

Торонто го освои второто место, со 82,2 поени, додека Сингапур е трет, со 80,7 поени. Иако Сиднеј го зазеде четвртото место, со 80,1 поени, австралискиот град беше на врвот во категоријата за дигитална безбедност, додека на победникот во 2019 година, Токио, му беа доделени 80,0 поени, со што јапонскиот град се најде на петтото место.
Торонто и Копенхаген се забележително подобри во новата област на безбедност на животната средина отколку кој било од трите водечки градови од претходните години.
Амстердам е шести, со 79,3 поени, додека Велингтон (Нов Зеланд) го зазеде седмото место, со 79,0 поени, и стана лидер во категоријата екологија.
Азиско-пацифичките градови Хонгконг и Мелбурн завршија на осмото место откако освоија по 78,6 поени, додека Стокхолм заврши во првите десет, со 78,0 поени.
Копенхаген дефинитивно е вреден севкупен лидер, а Торонто е заслужен вицешампион, но и поради неговиот долгорочен успех во осигурувањето на жителите, како и какви било посебни подобрувања во последните две години – се вели во извештајот.