Копаоник е голем планински масив во Србија, извонредно место не само во зимскиот период за скијање, туку и во летниот. Започнувајќи од планината Желин на север па до Косово, планинскиот предел на Копаоник е долг околу 100 километри. Овие зимски денови Копаоник е доста атрактивен меѓу нашите сограѓани, кои сакајќи да се надишат чист воздух и да скијаат, се упатуваат кон ова значајно српско туристичко место, со Панчичев Врв висок 2.017 метри.

Привлечноста на Копаоник лежи во извонредниот релјеф, уреденоста, неколкуте врва, богатиот избор на хотели. Секој што го посетил нема да ја заборави оваа планинска убавица.

Копаоник денес е значаен туристички центар во Србија со многубројни капацитети за сместување, систем на жичници и скијачки патеки, со одлична инфраструктура. Во непосредната близина на Копаоник е месноста Брзече, на источната падина, каде што се градат многубројни хотели, викенд-куќи со голема понуда на кревети за спиење. Извонредно место со гостопримливи домаќини.

Убаво е овие јануарски денови да се посети Копаоник. Да се престојува во овој предел со развиен зимски туризам. Да се ужива во спортскиот центар со жичниците, ски-лифтовите, уредените скијачки терени, во хотелите, одморалиштата, кои се на висина од над 1.000 метри. А ако скијањето не ви е предизвик, тука се и бањските одморалишта и повеќето места, кои нудат селски туризам. Нашите соседи се доста љубезни, секогаш расположени за разговор, за убав пречек, а цените се достапни за македонските граѓани.

Вистинско задоволство е возењето со жичниците и искачувањето на Панчичев Врв. Кога ќе стигнеш на највисокиот врв, имаш вонвременско чувство. Не можеш да го скриеш воодушевувањето. Како да си дел од височините. Ама тука не можеш да останеш долго. Едноставно се симнуваш во подножјето и уживаш во убавото сонце, пиејќи чај или друг топол напиток на една од терасите на рестораните. Одмор и релаксација за полнење на батериите оваа зима. Особено за скијачите, кои речиси цел ден се на 24-те ски-патеки на Копаоник и во околината, кои се доволни за многубројните туристи. Најдолгата патека е Бела река – 3,5 км. Тука се и патеките за алпско и нордиско скијање. Должината на патеката за алпско скијање е 55 км, додека за нордиско 18 км. Три патеки има и за слалом, велеслалом и за спуст. Неизбежна е и забавата во многубројните кафулиња, ресторани и во понекој ноќен клуб. Значи вреди да се посети Копаоник оваа зима.

Некои од македонските агенции за пристојни цени нудат аранжмани, па така и граѓаните имаат можност да ги посетат Копаоник и неговите врвови, освен Панчичев Врв, тука се и Суво Ридиште, Велики Караман, Мали Караман, Небеска Столица, Маркова Карпа, Вучак и др.