Драган Зелениковски е еден од малкуте Македонци што сѐ уште ја негуваат вековната применета уметност позната како дрворез или копаничарство. Уште од најраното детство пројавувал афинитети кон изработка на предмети од дрво, но никогаш не помислувал дека ќе се занимава со копаничарство. Со изработка на предмети и резби од дрво почнал да се занимава по една семејна несреќа за да ги промени темните мисли. По семејната несреќа, негов близок пријател пристигнал кај него, му однел парче оревова талпа и му рекол: „Еве ти, спаси се“. Но тука не завршила пријателската дружба, му нарачал комплет од 25 длета и заедно го подготвиле првиот цртеж.
Првата година ја минал во совладување на основните техники, а потоа почнал со учество на првите изложби, каде што можел да ги види делата на копаничарските доајени. На копаничарските колонии имал можност да се запознае со сите релевантни мајстори, кои несебично му ги покажеле нивните мајстории. Многупати, до доцна во ноќта, разговарал околу мајсторијата за правилен избор на оревовите талпи, колку треба да се сушат, како да се складираат итн. Многу вечери останувале до доцна во ноќта, при што анализирале како треба да изгледа добар цртеж, кои елементи треба да ги содржи и кој стил треба да се избере. Зелениковски вели дека тоа не му било тешко, затоа што колониите се одржувале најчесто во манастирот „Св. Јован Осоговски“, во прекрасна убавина и мир. Тука почнал да разбира кој стил и начин на резба најмногу му се допаѓаат.
Се трудел да најде што повеќе копаничарска литература, за која може да се каже дека е доста скудна. Се запознал со делата на прочуениот мајстор Петар Калајџи, кој му станал светол пример и водилка како треба да изгледа една резба. Набргу потоа Драган Зелениковски почнал да изработува во стилот на Калајџи, кој е наречен длабока поткопана резба.
Нашиот македонски копаничар Драган Зелениковски вели: „Никогаш не може да се каже дека се достигнал врвот. Секогаш се трудам да додадам нешто ново. Кога ќе ми дојде некоја стара резба, си велам – ова сум можел и подобро, ама знам дека во моментот кога сум ја правел, сум дал максимум. Копаничарството е љубов засекогаш и не престанува никогаш.“


Копаничарството – вековна македонска традиција

Под влијание на византиската уметност во раниот среден век, копаничарството се развива паралелно со декоративната камена пластика во Македонија. Еден од најраните зачувани примери од овој период е декорацијата на вратата од православниот храм „Св. Никола Болнички“ од 14 век, која денес се наоѓа во Бугарија. Дрвената резба се појавува во православните храмови како замена на камената пластика, а според досегашните истражувања, најстариот иконостас во Македонија е оној во храмот „Свети Кузман и Дамјан“ во Охрид, за кој се верува дека е од 14 век.
Во периодот помеѓу 16 и 18 век се граделе мали православни храмови без надворешна декорација и повеќе се посветувале на внатрешноста. Во овој период се појавува и развива Прилепско-слепчанската резбарска школа, од која се зачувани многу резби, кои се одликуваат со мотиви од секојдневниот живот, реални и митски животни. Во почетокот на 19 век, копаничарството станува составен дел од македонската преродба. Од овој период се познати мијачките мајстори што работеле во околината на Солун, Драма, Серес и други градови. Тие во почетокот го прифатиле барокниот стил, но подоцна ги прифаќаат цветните мотиви со што се создава Мијачко-дебарската школа. Во првата половина на 19 век, најпознати мијачки тајфи биле Филиповци, Рензовци, Фрчковски, Станишевци и многу други. Од овој период може да се одвојат резбите во Лесновскиот манастир, во „Св. Спас“ во Скопје и во Бигорскиот манастир.
Изработката на резбата опаѓа кон крајот на 19 век, но оваа македонска традиција не згаснува и продолжува во 20 и 21 век.