Фестивалот „Егзит“ деновиве ги интензивира своите онлајн-активности, со намера на многумина да им помине полесно останувањето дома за време на вонредната состојба. Десетици илјади луѓе од сите земји од регионов и од Европа, вклучувајќи ја и најтешко погодената Италија, во изминатите неколку дена, преку интернет веќе започнаа да ја следат специјалната програма на фестивалот, која почнува секоја вечер симболично во 20.20 часот. И токму на Италија ѝ беше посветена петочната програма, а станува збор за бек-ту-бек сет од 2015 година, кој го сочинуваат двајца маестрални диџеи, Адам Бејер и Џозеф Каприати.

– Покрај никогаш досега објавените фестивалски настапи, дел од оваа програма на социјалните мрежи се и водечките регионални диџеи, кои настапуваат со директен пренос од своите домови. Исто така, како еден вид поддршка на повозрасните сограѓани во Србија, организирана е и волонтерската акција „Супер комшо“, во која младите сограѓани организираат набавка на намирници и лекови, но и го фрлаат сметот и им помагаат на своите најзагрозени соседи – велат организаторите.
Специјалната ТВ-програма е лансирана во четвртокот со досега необјавениот, историски концерт на групата „Фејтлес“. За овој настап владееше исклучително голем интерес, откако оваа култна група во 2015 година настапи на главната бина на „Егзит“, а премиерата се појави во вистински момент.

– Ова е вежба за единство – беа зборовите на лидерот Макси Џез со кои во самиот пик на концертот им се обрати на десетиците илјади обожаватели собрани на Петроварадинската тврдина, но со кои и пет години подоцна пробуди верба кај собраните пред екраните во своите куќи дека заедно можеме најбрзо да ја надминеме новонастанатата ситуација. Овој славен настап еден гледач од Хрватска го сподели со своите пријатели со зборовите: „’Егзит‘ на некој начин и ме порасна, ме научи на некои дури и животни нешта, сруши низа предрасуди, ми приреди безброј незаборавни убави искуства, нови познанства и пријателства… ’Егзит‘ е многу, многу повеќе од музички фестивал, тој е позитивна сила во светот“.

– Набргу стигнаа и првите пораки од најтешко погодената Италија, кога се емитуваше уште една светска премиера и снимка од концертот на славната британска група „Бастил“ од фестивалот во 2016 година. Беше емотивно да се видат коментарите на гледачите од Италија, кои и покрај сѐ, и понатаму не го губат духот, а меѓу нив се најде и италијанскиот бенд „Флет Бит“, кој од својата официјална страница се обрати кон преостанатите гледачи и напиша дека имале „прекрасни спомени од настапот на фјужн-бината“! – велат од фестивалската управа.
Во меѓувреме се емитувани досега необјавените настапи на легендарната група „Моторхед“, британскиот маг на бас-музиката Даб Еф-Екс, а наскоро по барање од публиката следуваше и ново емитување на настапот на групата „Фејтлес“.

Премиерно беше прикажан и настапот на регионалните техно-асови Младен Томиќ и Синиша Тамамовиќ, додека во живо од својот дом настапи и еден од најбараните продуценти од регионов, Ендру Мелер. Во наредните денови сите фестивалски обожаватели ги очекуваат дури два стриминга, на Илија Ѓоковиќ и на Милош Вујовиќ, снимка од спектаклот што „Скепта“ го приреди лани на главната бина, настапот на Ричи Хотин на денс-арената во сега веќе дамнешната 2007 година, но и голем број други. Вкупниот досег на фејсбук-страницата на „Егзит“ во последните седум дена е над милион корисници на оваа социјална мрежа од регионов и од светот. Покрај специјалната ТВ-програма, на сите на располагање им се и повеќе од 1.000 часа настапи и интервјуа со водечките светски ѕвезди, но и друга програма на официјалниот канал на Јутјуб, кој досега го погледнале над 50 милиони луѓе од целиот свет.