Нови ДНК истражувања направени на шал кој се верува дека го поседувала една од жртвите на Џек Мевосек ги зајакнаа теориите во кои се тврди дека озлогласениот сериски убиец Џек Мевосек бил луд полски бербер по име Арон Космински, пренесува „Винтеџ Њуз“.

Но овие докази не се широко прифатени. Било која теорија за идентитетот на Џек Мевосек е често цел на лута дебата, а оваа теорија, заедно со нејзините дополнителни докази, не е исклучок.

Арон Космински бил полски имигрант во Лондон, во кој полицијата се сомневала дека тој е серискиот убиец. Во 1888 година, тој бил во раните дваесетти години, а живеел заедно со неговите двајца браќа и сестра на улицата Гринфилд, на околу 180 метри каде што телото на Елизабет Страјд, една од жртвите, било пронајдено на 30-ти септември.

Берберот Арон Космински

Шалот, кој и припаѓал на Катерин Едовс, четвртата жртва на секачот, довел до оваа конекција. Авторот Русел Едвардс, кој во 2014 година откри дека го поседува шалот кој наводно припаѓал на жртвата, тврди дека тој содржи генетски материјал од Едовс и Космински. Авторот го купил шалот на аукција во 2007 година.

Идентитетот на Космински бил потврден од истражувачи од универзитетот Џон Мурс  во Ливерпул, кои ги споделиле информациите во Дневникот на судски науки. 

Меморандумот од 1894 година напишан од Сер Мелвил Макнагтен, кој бил помошник началник на лондонската метрополитна полиција, го именувал Космински како еден од трите осомничени во случајот. Другите двајца осомничени биле Монтег Друит и Мајкл Острог.

– Стекнатите фенотипски информации соодвестсвуваа на единствената изјава на сведоци што се смета за веродостојна. Според нашето знаење, ова е најнапредната студија во врска со овој случај до ден денешен – велат од универзитетот Џон Мурс.

Џек Мевосек се верува дека масакрирал пет жени во областа Вајтчапел во Лондон. Неговата последна жртва била Мери Џејн Кели, која била убиена на 9-ти ноември во 1888 година.

Космински бил со проблематично однесување, во 1890 година бил сместен во сиромашна куќа, каде што биле затворани оние кои немале како да се издржуваат, а им било понудено во нив место за работа и спиење. Потоа, во 1891 година, тој бил затворен во ментална институција, во која починал во 1919.
Космински, кој страдал од звучни халуцинации, имал страв од храна и никогаш не се миел и не се капел, не се вклопува во профилот кој често му се припишува на генијален садист кој би бил способен да ја избегне полицијата толку долг период, ниту пак способен да ги прати писмата до полицијата во врска со громорозните детали од убиствата.

Некои експерти тврдат дека тие писма биле лажни, напишани од новинар со цел да се зголеми популарноста на весникот за кој пишува. Космински бил осомничен во текот на истрагата, бил посочен од очевиди, но никогаш не бил уапсен.

– Арон Космински е еден од двајцата осомничени, покрај Џозеф Барнет, против кој постојат вистински докази и сведоштво – изјавил д-р Фредерик Вокер за случајот на Џек Мевосек.

Сепак, постои сомнение дека шалот навистина и припаѓал на Кетрин Едовс, а бил земен од сцената на злосторството. Скептиците тврдат дека тој шал никогаш не бил наведен на листата докази од убиството.

Историчарката Хали Рубенхолд се сомнева дека овој „доказ“ го решава случајот.
– Ништо не е променето во случајот. Генетичарите кои го направија испитувањето изјавија дека постојат проблеми со резултатите. Дополнително, од историска гледна точка, ништо не го поврзува шалот со Кетрин Едовс, никаков доказ – велиРубенхолд.

Друг скептик, Д-р Адам Радерфорд, за шалот тврди дека дури и тој да бил зачуван како доказен материјал, иако друга облека од жртвата не била зачувана, начинот на кој бил чуван шалот е доволен за да биде причина ДНК истражувањето да биде проблематично и речиси невозможно.