Прогласувањето на Кајли Џенер (21) за прва милијардерка која самостојно го стекнала богатството, од страна на „Форбс“, предизвика расправа во американската јавност во врска со изразот „самосоздадена милијардерка“, употребен за опишување на нејзиниот општествен статус.

Идејата дека Џенер, која израсна во текот на телевизиското реално шоу „Во чекор со семејството Кардашијан“, чија сестра е Ким Кардашијан, а родители ѝ се познатите Крис и Кетлин Џенер, самостојно станала милијардерка, предизвика јавна реакција. Дебатата се разгоре откако „Њујорк Тајмс“ објави дека таа имала помош во создавањето на нејзиниот бизнис.

– Не можам да речам дека го постигнав тоа самата. Кога станува збор за финансии, немам наследени пари. Но, затоа имав многу помош и голема група обожаватели на Инстаграм – изјави Кајли Џенер за „Њујорк Тајмс“. 

Забуната, всушност, е предизвикана од „Форбс“, бидејќи во написите на магазинот се користат три категории за класифицирање на милијардерите – самосоздадени, оние кои добиле наследство, како и на оние што го унапредиле постоечкиот бизнис на нивното семејство, како што е случајот со американскиот претседател Доналд Трамп. Кајли Џенер имаше навистина голема помош од нејзината мајка Крис Џенер, под чие водство ја изгради компанијата што ја направи милионерка.

Најбогатите 400 луѓе во светот на листата на „Форбс“ се класифицирани со бројки од еден до 10, при што со број еден се оние кои целосно го наследиле богатството, а со десет оние кои почнале од „нула“. Кајли спаѓа во групата обележана со седумка, бидејќи имала многу предности во текот на создавањето на богатството.

Иако малкумина од милијардерите имале толку обожаватели како Кајли Џенер при почнување на својот пат кон успехот (таа имаше 120 милиони обожаватели на Инстаграм), секој од тие милијардери имал некој вид помош во градење на нивното богатството, било тоа да е од други вработени во компанијата што ја основале, или од ментори, пријатели и родители.

– Тогаш, зошто луѓето реагираа толку жестоко кога станува збор за Кајли? Дали е поради тоа што сите обожуваат да го озборуваат семејството Кардашијан? Дали луѓето конечно се заситени од ТВ-шоуто и од социјалните мрежи кои ѝ помогнаа со интернет- кампања да стане милијардерка, и покрај богатството од 900 милиони кое го имаше пред да започнат донациите? Некои се прашуваа дали јавноста реагира бидејќи таа е жена – се прашањата поставени од магазинот „Форбс“. 

Извесно е оти Кајли Џенер осмисли едноставен план со кој ја претвори семејната слава и богатството, бројот на нејзините обожаватели на Инстаграм, како и нејзината компанија „Кајли козметикс“ во богатство што достигна милијарда долари.