Кира Гоголадзе

Пијанистот Колос Цури од Македонија и пејачката Кира Гоголадзе од Русија се лауреати од прв степен и добитници на највисокото признание „бисер на фестивалот“ на манифестацијата „Езерски бисери 2018“, што од 7 до 14 август се одржа во Струга.
Колос Цури освои најголем број поени од интернационалното жири во програмата класика, а Кира Гоголадзе во програмата естрада. Тие добија фестивалски статуетки, парична награда и охридски бисери од семејството Филеви.
Шеснаесеттото издание на меѓународниот арт-фестивал и натпревар „Езерски бисери“ докажа дека со право станува еден од најрелевантните во регионот. Последниот фестивалски ден на сцената на Центарот за култура во Струга се одржа и гала-концерт.

Освен првите, беа доделени и голем број други награди. Така, признанието лауреат од прв степен во класика го освоија пијанистите Леф Чефанов и Софија Берестјукова (Русија) и Анастасија Кочева (Македонија).
Награди лауреат од прв степен за естраден вокал добија учесници во повеќе возрасни групи: триото „Нонстоп“ и дуетот Дихлина Алена и Белова Олесја (Русија), солистите Антониа Дора Плешко (Хрватска), Артур Борисов (Русија), Горбјак Диана Степановна (Украина), Миронова Арина (Русија), Татјана Саватиќ (Србија), Аалија Коне, Марија Белјакович и Ана Турова (Русија), Тјаша Јакуп (Словенија), Меиде Шламаите (Литванија), Ангелина Дерјабина и Александра Турова (Русија), Славица Ангелова (Македонија).

Покрај Ангелова, успех на фестивалот постигнаа повеќе македонски учесници, кои беа прогласени за лауреати Мартина Митревска, Маја Блажевска, Ени Анжиќ, Марија Јаковлеска, Омар Џафероски.
Наградата лауреат ја понесоа и „Непо суперстајл“ (спортски танц) од Русија, Жилкибај Нурасил Шингискизи (народен стилизиран танц) и ансамблот „Мирас“ (народен сценски танц) од Казахстан.
Новина на годинашниот фестивал беше и изборот за европска убавица во соработка со „Ворлд бјути“ од Москва. Победничка беше Екатерина Рупасова од Русија, која ќе учествува на светскиот избор на убавина во декември во Москва.

Колос Цури