Држава: Франција
Регион: Алзас
Жители: 68.000

За сите оние што сакаат да патуваат во необични шармантни краеви, без многу багаж, еве едно идилично француско гратче. Колмар е сместен во подножјето на планината Вогези, во близината на границата со Германија и со Швајцарија. Во гратчето живеат околу 70.000 жители, а го нарекуваат мала Венеција поради големиот број канали на реката Лаух, а специфичен е и поради спојот на германската и француската архитектура од 8 век, со подоцнежни адаптации.

Интересно е дека бојата на фасадите во Колмар ја симболизира професијата на семејството што живее во куќата, а бројот на срцата на вратите значи дека жената што е внатре или е мажена или е слободна.
Ова живописно гратче го нарекуваат и скапоцениот камен од Алзас. Иако на прв поглед потсетува на германските градови, сепак ништо не е исто како во местата оддалечени само триесетина километри, но мора да се признае дека ова е дел од Франција со германски шарм.

Градот е основан во 9 век. Царот Карло Дебелиот овде одржал собрание во 884 година, а Колмар добил статус на слободен царски град во 1226 г. Колмар го прифатил протестантизмот во 1575 г., а по триесетгодишната војна го зазеле Швеѓаните. По две години повторно ѝ припаднал на Франција, кога го освоил Луј Четиринаесетти, но во 1971 година бил присоединет кон германското царство, како последица на француско-пруската војна. Вратен ѝ е на Франција во 1918-та.
Денес Колмар пред сѐ е еден огромен музеј на отворено. Овде се родени значајни уметници: сликарот и графичар Мартин Шонгауер и скулпторот Фредерик Бартолди, автор на Кипот на слободата во Њујорк.

Задолжително треба да го посетите музејот „Унтерлинден“, кој е сместен во бивш манастир на доминиканските калуѓерки. Тука е сместено големо богатство, од неолитската до современата уметност. Можете да видите и едно од најзначајните дела на европската уметност – Изенхајмскиот олтар, кој е направен во втората деценија на 16 век во Антониевскиот манастир, во малото место Изенхајм, дваесетина километри јужно од Колмар. Во времето кога настанал биле во мода таканаречените расклопливи олтари, чии крила можеле да се рашират како слики. Гиневалд токму тука го насликал своето животно дело, поради кое го нарекуваат „прв експресионист, 400 години пред експресионизмот“.

По Втората светска војна, Колмар станува важен стопански и туристички центар. Саемот на виното и меѓународниот фестивал на класична музика придонесоа да се рашири добриот глас за ова волшебно гратче низ светот.
Денес туристите доаѓаат во голем број, секој сака да се фотографира пред старите куќи, кои се огледаат во водата, заедно со цвеќето од многуте саксии на прозорците. Во летните бавчи на кафеаните се пие вино, се сервираат специјалитетите што го прославија Алзас: фламкухен, еден вид пица со многу тенко тесто, чадена свинска коленица со кисела зелка, но и зелка со пет вида месо. Цените може да бидат непријатно изненадување, бидејќи се двојно повисоки од оние во блискиот Фрајбург, на германска страна.