Првпат во историјата експерти и соработници на НАСА извршија квантна телепортација со долг дострел. Ова откритие може да ги постави темелите за одржлив квантен интернет, при што податоците ќе се испраќаат на долги растојанија. Резултатите дополнително ќе се подобруваат со надградба на системот. Квантната телепортација е пренесување квантни состојби од едно на друго место. Станува збор за моментален транспорт на квантни информативни единици, наречени квабити, на растојание од 44 километри побрзо од брзината на светлината.
Експериментот го спроведоа експерти од калифорнискиот институт за технологија „Калтек“, НАСА и националната лабораторија „Фермилаб“. Конкретно, тие изградија поврзан систем помеѓу две лаборатории што се оддалечени 44 километри.
– Сакавме да дадеме поттик за овој вид истражување и да преземеме важни чекори кон реализација на вистинска апликација за квантна комуникација, како и напредок во мрежата и тестирање на основните идеи во физиката – изјави Панајотис Спензурис, раководител на програмата за квантна наука во „Фермилаб“.
Квантните компјутери се способни да вршат пресметки речиси 100 трилиони пати побрзо од најмоќниот суперкомпјутер во светот.

– Луѓето на социјалните мрежи прашуваат дали треба да бараат провајдер за квантен интернет (секако на шега). Горди сме што ја постигнавме оваа пресвртница во одржливи системи за квантна телепортација со високи перформанси. Резултатите дополнително ќе се подобруваат со надградба на системот, што очекуваме да го завршиме до вториот квартал на 2021 година – рече Марија Спиропулу, професорка по физика на „Калтек“.
Тимови од Универзитетот за наука и технологија во Кина, како и „Гугл“, успеаја да направат вакви подвизи. Сепак, оваа технологија сè уште не ја достигнала точката каде што може да се примени и во моментов е ограничена на тестирање, но веќе постојат големи планови. Така, Министерството за енергетика на САД планира да изгради квантна мрежа помеѓу своите лаборатории во сите свои држави.