Од секојдневното миење заби до пиењето кафе во 11 часот, сите имаме барем десетина навики што ја сочинуваат нашата дневна рутина. Некои навики се позитивни и корисни, како одење во вежбалница, а други, како што е пушењето кутија цигари дневно или честото нарачување пица, се негативни, па дури и штетни, пишува „Сајенс алерт“.
Постојат и апликации што може да ви помогнат да создадете нова навика или да се ослободите од лошата навика, а многу од нив се базираат на претпоставката дека ќе ви требаат 21 ден за да го направите тоа. Овој број доаѓа од популарната книга од 1960-тите години од минатиот век, наречена „Психокибернетика“ од пластичниот хирург Максвел Молц, кој забележал дека на неговите пациенти во просек им биле потребни 21 ден по операцијата за да се навикнат на новиот изглед. Меѓутоа, според резултатите од студија спроведена во 2009 година, времето потребно за формирање навика не може да се прецизира.
Научниците од Универзитетскиот колеџ во Лондон ги истражувале новите навики на 96 лица во период од 12 недели и откриле дека просечното време потребно за да се усвои нова навика е всушност 66 дена. Тие истакнуваат дека индивидуалното усвојување нови навики се движи од 18 до неверојатни 254 дена. Значи, ако сакате да прифатите некоја нова навика, тоа ќе трае најмалку два месеца и не треба да очајувате ако не успеете за три недели, бидејќи за повеќето луѓе тоа едноставно не е доволно.
Секоја добра, лоша или безначајна навика почнува со психолошки образец наречен „јамка на навики“. Станува збор за процес што се состои од три дела. Првиот меѓу нив е активирањето, што му овозможува на мозокот да се однесува на одреден начин. Вториот дел е токму тоа однесување, односно рутината што ја создава, додека третиот дел е наградата, односно она што му се допаѓа на мозокот.