Според студија на НАСА од 1958 година, нормалната температурна зона е помеѓу 4 и 35 Целзиусови степени, во која, кога влажноста не надминува 50 отсто, луѓето можат да останат неодредено време. Но кога е надвор од оваа зона, колку висока температура може да издржи човечкото тело?
И покрај многубројните истражувања, нема единствен и прецизен одговор на ова прашање. Различни луѓе можат да издржат различни температурни екстреми, а тоа зависи од начинот на облекување, физичките активности, протокот на воздух и засолништето од сонцето. И пред сѐ, од влагата. При многу висока релативна влажност, едно лице може да биде загрозено на 36 Целзиусови степени, додека во пустините, каде што воздухот е екстремно сув, луѓето можат да издржат десет минути на температура од 60 степени.
Генерално се верува дека на температура повисока од 54 Целзиусови степени, на човечкото тело неизбежно му следува топлотен удар. Оваа форма на хипертермија може да се појави и на многу пониски температури, ако се консумираат лекови и алкохол, а и возраста има влијание. Топлотниот удар е екстремна состојба на термички стрес и води до покачување на телесната температура за само неколку минути, вртоглавица, крвавење, колапс на кардиоваскуларниот систем, конвулзии, кома, откажување на мускулите и органите и, во најлош случај, смрт.