Кокан Пандиловски не се откажува од „Триангл“

„Преку граница“ е насловена песната што неодамна ѝ ја претстави на јавноста познатиот македонски музичар Кокан Пандиловски, член на повеќе македонски рок-групи, меѓу кои за него најзначајни се легендарните „Триангл“ и „Конкорд“.
Музиката и аранжманот се на Кокан, а текстот го напиша Александар Стефановски-Јаблан.

– Песната „Преку граница“ја снимивме со Јаблан уште во 2005 година, во моето студио „Пандиловски“, кога мислевме да го реоформиме „Триангл“, но нашите планови не се остварија. Сега нештата се сменија и повторно се договоривме да ги заживееме старите хитови на „Триангл“, чија музичка историја заедно ја пишувавме. Затоа направивме ремикс на песната. Исто така и „Жена од камен“ планираме да ја фрлиме во ново време, бидејќи новите генерации не ја знаат. Сакавме да почнеме со свирки во мај, ама пандемијата на коронавирусот смени сѐ, па ќе почекаме да тргнат работите на подобро – вели тој.

Интересно е дека во старо-новиот „Триангл“ ќе има двајца вокалисти, бидејќи во бендот останува и Благој Илиевски-Брега.

– Иако на многумина ова ќе им биде чудно, звукот што ќе го понудиме ќе биде многу побогат. Брега има силен вокал, а Јаблан звучи помеко, па ќе се создаде една интересна фузија. Има повеќе варијанти и за други членови во групата, но засега сме само ние тројца. За мене музиката е неизлечив вирус и затоа одлучив повторно да се активирам, иако, рака на срце, никогаш не сум престанал да свирам и да создавам – ни рече Кокан Пандиловски.

Според него, никој не може со сигурност да каже што ќе се случи утре, но коцките полека се склопуваат и тој се надева дека секојдневното вежбање и снимање во домашното студио ќе се исплатат и оти песните на „Триангл“ повторно ќе прозвучат во живо, за почеток во клубовите во земјава.

– Желен сум, а се надевам и Брега и Јаблан, за близок контакт со публиката. Освен старите хитови, на репертоарот имаме и други песни, како: „Куме“, „Фантазија“, „Фатална скопјанка“, „Симфонија за љубовта“, последната „Преку граница“…, за кои се направени и интересни спотови, со исечоци од светски и филмови од некогашната југословенска кинематографија. Секако, работам и на некои нови песни – вели овој рок-ветеран.