Колку е 869.463.853 помножено со 73? Иако просечниот човек веднаш би посегнал по дигитрон, 20-годишниот Нилаканта Бану Пракаш веќе го има одговорот. Резултатот е 63.470.861.269, а на Бану, кој е познат како „најбрзиот човечки калкулатор во Индија“, му се потребни само 26 секунди да одговори, пренесува Си-ен-ен.

Умот на Бану процесира 12 броеви во секунда, што е за десет пати побрзо од умот на просечните луѓе. Според Бану, невообичаената способност се постигнува со неговиот метод наречен „структурирана пракса“. 

– Методите што ги користам се многу слични на општите методи, но одредени работи – во основа, се оптимизација на мозокот. Јас ги оптимизирам своите методи и ги правам подобри од порано – вели Бану. 

Но, љубовта кон математиката и брзината во пресметките се резултат на страшна и трауматична несреќа. Во 2005 година, на 5-годишна возраст, Бану се возел на скутер со негов братучед, кога ги удрил камион. Тој паднал и се здобил со пукнатини на черепот, по што биле потребни неколку операции, 85 шевови и докторите морале да го стават во седумдневна вештачка кома. Сите стравувале дека тој ќе има големо когнитивно оштетување, по што поминал една година во кревет. 

За време на закрепнувањето, Бану научил да игра шах и да решава загатки, а потоа напреднал и во математичките проблеми. Поради лузната со која се здобил, неговите родители ги отстраниле сите огледала од нивниот дом, но Бану решил таа да не му влијае негативно. Лузната од повредата му овозможила тој да стане човечки калкулатор.

На 15 август, Бану стана првиот Азиец што освоил злато во пресметување на Олимпијадата за умствени дисциплини во Лондон. Тој е исто така е првиот победник кој не потекнува од Европа во 23-годишната историја на натпреварувањето. Во конкуренцијата, Бану победи 29 противници од 13 земји, а неговата брзина била толку извонредна што судиите му одредија дополнителни задачи и повеќе пресметки за да ја потврдат неговата точност.

Неговата прва победа по брзо сметање била на седумгодишна возраст во 2007 година, а оттогаш тој остварил многу успеси, вклучувајќи ја и победата во отворената категорија во индискиот национален натпревар по аритметика во 2011 година. На 13-годишна возраст, тој ја претставуваше Индија на меѓународно натпреварување и собори четири светски рекорди за најбрза човечка пресметка, брзо множење, брзо одземање и ниво 2 и 3 во брза умствена математика.

– Додека пресметувам, или се обидувам да соборам некој рекорд, изгледа како светот околу мене да успорува, слично како суперхеројот „Флеш“. Кога тој трча, сè околу него е замаглено. Чувството на пресметка со такво брзо темпо е ослободувачко – објаснува Бану. 

Тој доминираше на Светското првенство во умствените пресметки и заврши со 65 поени пред сите други. Тој продолжува да ги инспирира другите и смета дека секој може да ги подобри своите математички вештини и да го направи светот подобро место

Во 2008 година, Бану ја основаше компанијата „Експлоринг Инфинитс“, и има за цел да ги отстрани стравовите на луѓето кон математиката, а истовремено да ја направи кул и привлечна преку аритметички игри. Компанијата првенствено работи во Индија, и пред коронавирусот организираше математички кампови во Бангладеш и Индонезија. Нејзината програма за дигитално учење има и студенти од Обединетото Кралство и САД. Целта на Бану е преку неговите победи да привлече внимание кон амбициозните математичари во Индија и да ги мотивира да се натпреваруваат на светско ниво.

– За да може една земја да се развива и да напредува на глобално ниво, математиката е исто толку важна вештина како и писменоста. Тројца од четири студенти во државните училишта во Индија имаат проблем да ја разберат основната математика – објаснува Бану.

Тој исто така открива дека неговата прва победа на олимпијадата е и негова последна. Наместо да продолжи да учествува, тој сака да се фокусира на активизмот. 

– Јас потврдив дека сум побрз. Сега сум во позиција во која луѓето ме слушаат, подобро е да го искористам тоа. Не сакам да бидам заштитно лице на математиката, такви веќе има доволно, и тие се исклучителни луѓе. Сакам да бидам лицето кое ќе се бори против математичката фобија – вели Бану.