Настанот „Вен ин Крушево“ или „Кога во Крушево“ повторно се враќа со адреналинска програма, концерти на отворено, параглајдинг, планинарење, велосипедизам, јавање коњи, кајакарење, СУП…
Фестивалот ќе се одржи од 6 до 8 август во Крушево, а организаторите најавуваат многу адреналин и забава.
– Понудата на тури и активности вклучени во картата од 500 денари е збогатена со нови содржини и многу активности, вклучувајќи планински и велосипедски тури, карти за посета на три музеи и кампинг-простор. Покрај овие активности, учесниците ќе добијат попуст за параглајдинг, јавање на коњи и кајак и СУП, а оваа година ќе имаат и можност да учествуваат и да го проследат интернационалниот настан „Крушево трејл челинџ“ – информираат организаторите.
Музичката програма резервирана за вечерна забава до раните утрински часови ќе биде исполнета со добро познатите рок-бендови „Блекдор бенд“ и „Д хаундс“, претставувајќи ги своите хитови, од кои и најновиот на „Д хаундс“,
„Тишина“. Организаторот најавува уште еден голем концертен спектакл што ќе биде откриен наредните недели.

– Од диџејската програма, главниот носител ќе биде диџеј Галоски, кој успешно ја гради својата кариера на интернационално ниво. Тој ќе се претстави со неговите добро познати техно-композиции, како и промоција на своите најнови хитови, меѓу кои и „Casualty“, која добива милионска слушаност на Спотифај. Исто така програмата ќе биде дополнета со поддршка од локалните диџеи и диџеј Бабура Џуниор, особено познат кај помладата публика – велат организаторите на настанот.
За големиот број заинтересирани учесници ќе биде обезбедена посебна камп-зона со сите потребни услови, а секако на располагање ќе бидат и приватните и хотелските капацитети во Крушево.
Цената за карта за ова незаборавно тридневното држење во Крушево е 500 денари (400 денари за групна карта 4+1), која може да ја купите на продажната мрежа на „Мк тикетс“ и да се пријавите за учество на wheninkrusevo.mk.