Лекарите и научниците открија дека лесните случаи на ковид-19 имаат уште еден нов симптом. Тоа се отоци во црвена или црвено-виолетова боја, најчесто на ножните прсти. Чувствителни се, чешаат и печат, а можат да се јават и на петицата и на прстите на рацете. Со својот изглед потсетуваат на смрзнатини. Од почетокот на пандемијата, како главни симптоми на болеста се наведуваа: кашлица, температура, краток здив. Со нејзиното траење и ширење низ целиот свет беа забележани и други симптоми, неповрзани со респираторниот систем, меѓу кои се и кожните промени.

– Вакви појави на кожата типично се поврзани со студот и чудно е да се видат во овој период на годината во толкава мера. Дерматолозите мислат дека тоа би можел да биде еден од начините на реакција на организмот на вирусот САРС-Ков-2 – вели д-р Јоана Харп, американски дерматолог од универзитетот „Корнел“, специјализирана за кожни нарушувања поврзани со внатрешни болести.
Бидејќи ковид-19 е ново заболување има малку сигурни податоци за сите негови можни манифестации, па, така, и за „ковид-ножните прсти“. Но лекарите воочиле дека повеќето од оние што ќе добијат такви промени немаат посериозна клиничка слика.

– Повеќето го прележуваат вирусот асимптоматски или со лесни симптоми и најчесто сосема заздравуваат дома – вели д-р Харп.
Таа додава дека овие кожни промени најверојатно упатуваат на заразеност со вирусот САРС-Ков-о. Таа советува доколку ги забележите да поразговарате со својот матичен лекар. Засега е непознато колку често овие отоци се развиваат кај заболените од ковид-19 и зошто? Можат да бидат изразито болни, да печат, да чешаат, а некогаш се толку непријатни што на оној што ги има му пречи да облече и чорапи.
Втората загатка е тоа што некои тинејџери и млади возрасни со такви лезии се негативни на тестот за коронавирус.

Д-р Еми Пелер, раководител на Одделот за дерматологија на Медицинскиот факултет на универзитетот „Нортвестерн“, вели дека едно од објаснувањата за можноста тие лица да имаат мошне лесна слика на болеста, е тоа што вирусната репликација кај нив е ограничена и затоа вирусот не може да се детектира.
– Веројатно причината е воспалителен процес, но не го разбираме механизмот на неговото создавање – тврди Пелер.
Втората хипотеза е дека лезиите се предизвикани од воспаление во ѕидовите на крвните садови или микрозгрутчувања, бидејќи и нивното создавање е една од карактеристиките на болеста.