„Три сестри“
– Антон Павлович Чехов
Со Чехов треба да се среќаваме секојдневно, како лек да го земаме во помали дози, бидејќи е најголем. А трите сестри, Маша, Олга и Ирина, венеат во својата паланка, мечтаејќи за заминување во Москва. Впрочем, тие не копнеат по Москва, туку по широчината и слободата и за еден неограничен човечки живот.

„Нора“ – Хенрик Ибзен
Нора, со уште неколку свои „сестри“ од литературата во 20 век, како кутија за кукли го скрши дотогашното сфаќање на граѓанскиот брак. Оттогаш тој за многумина е нешто незамисливо. Нека не ве буни сознанието дека милиони луѓе денес живеат во брачни заедници, тоа веќе не е тоа, само така се вика.

„Мадам Бовари“ – Густав Флобер
„Госпоѓо Бовари, јас сум“, велел загадочно Флобер. Но со или без него, таа се охрабрила да направи романтична лудост, која го оправдува човековото постоење. И тргнала во уште едно бестрашно возење со кочијата, кое сѐ уште трае.

„Ана Каренина“ – Лав Николаевич Толстој
Русинките се поинаку воспитани од другите, па кога нешто не е во ред, мислат дека секогаш тие се виновни за тоа. Ана се фрли под воз, но пред тоа мудриот писател и спахија Толстој раскажа една од конститутивните приказни на историјата на модерниот роман, но и за сфаќањето на човековата слобода и за женската независност. Ана заврши трагично, тоа е факт, но им го отвори патот на другите.

„Даблинци“ – Џемс Џојс
Една од најдобрите збирки раскази кога било напишана, а меѓу нив, некаде на врвот е „Мртви“, приказна за љубовта и загубата, за ненадоместливоста, но и за тивката, незабележлива тага, за второстепеноста на сѐ и на секого што доаѓа „отпосле“. Кој го сака оној што живее во сенка на тој свој „мртов“. А снегот секојдневно врне и прекрива сѐ што е живо и неживо и никогаш нема да престане.

„Тонио Кругер“ – Томас Ман
Тонио е заљубен уметник, но златокосата убавица што ја сака ќе ѝ даде предност на една „добра можност“, уштиркан граѓанин, и засекогаш ќе му го скрши срцето. А кој ќе го отфрли Тонио, ќе го добие заслуженото, во стилот на делото „Смрт во Венеција“.

„Десет мали црнци“ – Агата Кристи
Велат одмаздата најдобро е да се сервира ладна. Ова е книга за одмаздата преправена во правда, но, замислите, таа никого нема да задоволи, туку ќе предизвика уште повеќе зло на светот. Освен што ова е извонредна крими-сторија, ова е една од клучните филозофски книги на 20 век. А филозофот што овие тврдења нема да ги разбере треба да се прогласи за шарлатан.

„Неподнослива леснотија на постоењето“ – Милан Кундера
Некои фундаментални вистини за мажот, барем оној средноевропскиот во 20 век, расветлува Милан Кундера во секоја своја книга. Можеби поголема популарност во светски рамки оваа книга стекна токму поради екранизацијата во која во главните ликови ги видовме: Жилет Бинош, Лена Олим и Даниел Деј Луис.

„Норвешка шума“ – Харуки Мураками
Љубовните средби кај Мураками се секогаш мистични: нема поголема загатка во вселената од нив. Па иако успеат да се пронајдат, луѓето се губат на најчуден начин, а читателот потоа ги пронаоѓа на место и во облик, како да не се од овој свет, иако се.

„Извесен поглед“- Франосаз Саган
Иако некои мислат дека оваа писателка сосема излезе од мода, други тврдат дека ова е вистинско време за нејзините дела. Нејзините романи, особено овој, имаат прекрасен и возбудлив шарм на среќен историски момент во кој патријархатот е веќе умрен, а политичката и родовата коректност уште не се родени.

„Проширено подрачје на борбата“ – Мишел Уелбек
Уелбек ги врти работите наопаку, тој им дава глас на потчинетите и фрустрираните, на посвоените и на сирачињата на сексуалната револуција. Е токму тоа промашување е главниот јунак на оваа книга и на другите негови дела. И треба да ја прочитате за да не се изненадите подоцна.

„Сопствена соба“- Вирџинија Вулф
Овој есеј говори за нешто навистина фундаментално: за мигот во кој жената престанува да биде движечки погон на домашниот мебел. Но не залажувајте се, тоа се случило вчера, завчера, а на многу места не е ни на повидок.

„Само деца“ – Пети Смит
Пети не е суштество на овој суров свет, туку вистинска поетеса, божица, а овие нејзини мемоари се приказна за таа, понекогаш мачна, поезија на животот. За една чудна, величествена љубов. А оние што имале привилегија и да ја слушнат на концерт, максимално поверувале во нејзината божествена димензија.

„Секс, уметност и американска култура“ – Камила Паља
Современата жена што држи до себе, сосема природно е феминистка. Но некои амбициозни, доктринирани феминистки многу ја нервираат. Камила Паља е токму таква. Слободна жена, бидејќи е слободен човек.