Мемоарите на Мери Л. Трамп, внуката на американскиот претседател, се продадени во милион примероци уште првиот ден, што е рекорд за издавачката куќа „Симон и Шустер“.
Книгата „Премногу и никогаш доволно: Како моето семејство го создаде најопасниот човек на светот“, која зборува за животот во семејството Трамп и психата на сегашниот главен командант на вооружените сили на САД, беше продадена во 950.000 примероци во еден ден.

– Книгата „Премногу и никогаш доволно“ стана културен феномен и мора да ја прочита секој што сака да ја разбере уникатната семејна динамика што го произведе најмоќниот човек во денешниот свет. Тоа е и откривачки психолошки портрет и дело од историска важност – рече Џонатан Карп, извршен директор на „Симон и Шустер“.
Мери е психолог, чиј татко е најстариот брат на Трамп, Фред. Во книгата пишува дека нејзиниот чичко е токсичен, чуден, дека мамењето е неговиот начин на живеење и дека го омаловажувал својот татко кога заболел од Алцхајмерова болест.

Американскиот претседател и неговото семејство се обидоа да го спречат објавувањето на книгата на суд.
И помладиот брат на претседателот, Роберт Трамп, неуспешно се обиде да го блокира објавувањето на книгата, тврдејќи дека Мери го крши договорот за необјавување потпишан во 2001 година, по поделбата на имотот на нејзиниот дедо.