Филмовите „Номадленд“ и „Борат 2“ годинава се најголеми добитници на виртуелниот 78-мото доделување на наградите „златен глобус“ во Беверли Хилс. Двата филма добија награди за најдобар филм: „Номадленд“ за категоријата драма, а „Борат 2“ за комедија, пренесуваат светските медиуми.

Овој пат церемонијата беше претежно виртуелна и паралелно се одржуваше во Лос Анџелес и Њујорк, со запазување на сите потребни протоколи.

Меѓу значајните достигнувања е што Клои Жао режисерката на „Номадленд“ стана втора жена што ја добила наградата за најдобар режисер по 1983 година, кога Барбара Стрејсенд ја доби за музичката драма „Јентл“. „Крајно време беше“, Барбара Стрејсенд и ја честиташе наградата на Клои.

Триесет и осумгодишната Жао имаше промоција на својот трет филм „Номадленд“ на фестивалот во Венеција, каде што ја освои главната награда, „Златен лав“.

Авторот на „Борат 2“, Саша Барон Коен е прогласен за најдобар актер во категоријата комедија, додека Андра Даи ја доби наградата за најдобра актерка за улогата на пејачката Били Холидеј во „САД против Били Холидеј“.

Британската драма за кралското семејство „Круна“, комедијата „Шитс Крик“ и ТВ серијата „Дамин Гамбит“ ги освоија главните награди во телевизиските категории.

Добитници на „златен глобус“ се и Ема Корин, која ја игра младата принцеза Дајана, Џош О’Конор, кој го играше принцот Чарлс и Џилилијан Андерсон, која ја играше Маргарет Тачер, во серијата на „Нетфликс“ за британското кралско семејство.

Драмата „Менк“ на „Нетфликс“ во режија на Дејвид Финчер, приказната за сценаристот на филмот „Граѓанинот Кејн“, беше голем фаворит со шест номинации, но не освои ниту една од наградите.

Продолжението на исклучително успешниот „Борат“ од 2006 година беше прогласен за најдобар филм во категоријата мјузикл и комедија.

Коен се пошегувал на сметка на жирито затоа што беше прогласен за најдобар актер во категоријата музика и комедија за истиот филм.

– Чекај, Доналд Трамп го оспорува резултатот. Тој тврди дека многумина мртви гласале, што е многу грубо да се каже за здружението на странски новинари – се пошегувал тој.

Ѕвездата во „Црниот пантер“, Чадвик Боземан, за кого не се знаеше дека има рак и чија смрт на 44-годишна возраст ги шокираше неговите обожаватели, постхумно беше награден за најдобар актер за неговата последна улога во џез-драмата „Црно дно на Ма Рејни“.

Британските актери Даниел Калуја и Џон Бојега и анимираниот филм „Соул“ беа меѓу победниците избрани од членовите на Холивудската асоцијација на странски новинари (ХФПА).

Џејн Фонда, седумкратната добитничка на „златен глобус“ ја доби наградата за животно дело, додека Норман Лир доби награда именувана по легендарната Керол Бурнет за долга телевизиска кариера.

Јужнокорејскиот „Минари“ е избран за најдобар странски филм.