Новите студии покажуваат дека во справувањето со климатските промени исто така многу важен фактор е полот. Климатските промени всушност можат да имаат различни ефекти врз здравјето на мажите и на жените, при што жените се почувствителни на нив

На различни начини, од екстремни временски услови до зголемено ширење на заразни болести, климатските промени имаат огромно влијание врз здравјето на луѓето во светот, но зошто жените се позагрозени? Влијанието на климатските промени не се чувствува еднакво во различни области. Всушност, сѐ поголем број студии укажуваат на тоа дека жителите на најсиромашните делови на светот се најчувствителни на ефектите од климатските промени, но исто така и дека најверојатно ќе бидат во можност да се приспособат на нив.
Новите студии покажуваат дека во справувањето со климатските промени исто така многу важен фактор е полот. Климатските промени всушност можат да имаат различни ефекти врз здравјето на мажите и на жените, при што жените се почувствителни на нив.
Климатските промени им го загрозуваат здравјето на жените, и во време на мир и во конфликт, покажуваат податоците на американскиот национален институт за здравје.
Анализата на 130 различни студии открива дека жените и девојчињата во повеќе случаи се соочуваат со посериозни здравствени последици поради климатските промени, во споредба со мажите и момчињата, каде што овој ризик е значително помал. Дури 68 проценти, односно 89 од вкупно 130 студии откриле дека здравјето на жените е почесто погодено од влијанија поврзани со климатските промени отколку здравјето на мажите.

Истражувањата покажуваат поголема веројатност жените и девојчињата да ги загубат своите животи поради високите температури во Франција, Кина и во Индија или во тропски циклони во Бангладеш и на Филипините.
Податоците од истражувањата укажуваат дека доколку интензитетот на последиците од климатските промени се зголеми уште повеќе, жените ќе имаат поголем проблем да се справат со сите негативни последици.
Начинот на живот во ранливите области претставува дополнителен ризик за жените. Во посиромашните делови на светот, кои се посериозно погодени од климатските промени, жените често се оние што се грижат за домаќинството, децата, но исто така набавуваат вода и храна потребни за вршење на секојдневните активности.
Природните катастрофи и зголемувањето на соленоста на реките поради зголемувањето на нивото на морето доведуваат до понатамошно влошување на квалитетот на водата. На пример, жените во делови од Индија и од Бангладеш се соочуваат со здравствени и економски проблеми затоа што реките стануваат посолени, што доведува до недостиг од вода што може да се користи за храна. Изворите на вода исчезнуваат, нејзиниот квалитет се влошува и поради овие непријатности, жените имаат дополнителен проблем да вршат активности како што се готвење, чистење и грижа за деца, кои се нивни главни одговорности во руралните делови на светот.
Сепак, тоа не е најголемиот проблем со кој се соочуваат. Поради климатските промени, со намалувањето на ресурсите, земјата станува сѐ помалку плодна, па затоа растат родовото насилство и експлоатацијата на жените, покажуваат податоците на Меѓународната унија за зачувување на природата.

Климатските бегалци се изложени на дополнителни проблеми. Всушност, кога девојчињата и жените се раселени, тие често не можат да го продолжат своето образование и да обезбедат финансиска независност. Девојчињата бегалци имаат половина од шансите да одат на училиште отколку момчињата бегалци. Жените и девојчињата исто така се соочуваат со повисоки стапки на детски бракови, семејно насилство, сексуално насилство и трговија со луѓе како резултат на климатските промени.
Се проценува дека последиците од климатските промени во Малави може да доведат до 1,5 милион нови невести во следните години. Исто така, податоците од Австралија покажуваат дека нивото на семејно насилство скока по шумските пожари, кои станаа поинтензивни и подолготрајни во последните неколку години. Да се најде решение воопшто не е лесно, иако многумина се борат за еднаквост.