Населението од 134 земји сега е изложено на поголем ризик од шумски пожари отколку порано, а милиони земјоделци и градежни работници ги губат приходите поради зголемениот број на екстремно топли денови

Најголемата годишна студија за влијанието на климатските промени врз здравјето на луѓето покажа дека во 2020 година до 19 отсто од Земјината површина била погодена од екстремна суша и предупреди дека климатските промени претставуваат голема закана за безбедноста на храната, која влијае на повеќе од две милијарди луѓе.
Населението од 134 земји сега е изложено на поголем ризик од шумски пожари отколку порано, а милиони земјоделци и градежни работници ги губат приходите поради зголемениот број на екстремно топли денови.
Климатските промени создаваат идеални услови за заразни болести како денга-треска, вирусот зика, колера и маларија во многу поголеми области на светот, вклучувајќи и во Европа, за разлика од пред само неколку децении.
– Климатските промени се тука и веќе гледаме големи штети по човековото здравје во светот. Како што продолжува кризата со ковид-19, секоја земја исто така се соочува со некој аспект од климатската криза – рече Ентони Костело, извршен директор на „Ланцет Каунтдаун“.
Анализата покажала дека во последниве пет години одделни подрачја биле најпогодени од екстремна суша. Нарушувањето на циклусот на водата поради глобалното затоплување го скратува времето во кое растенијата достигнуваат зрелост, што резултира со ниски приноси и зголемен притисок врз производството на храна.
Според „Ланцет Каунтдаун“, потенцијалот за принос на пченката, глобалната основна храна, веќе е намален за 6 отсто во споредба со периодот од 1981 до 2010 година. Пченицата, пак, забележала пад на приносот од 3 отсто, додека, пак, оризот за 1,8 отсто.

И морските плодови од кои зависат 3,3 милијарди луѓе се под „сè поголема закана“, бидејќи просечната температура на морето се зголемува во речиси 70 отсто од територијалните води, во споредба пред само 15 години.
Извештајот, исто така, предупредува дека речиси три четвртини од анкетираните земји рекле дека веруваат дека не можат да си дозволат интегрирана национална стратегија за здравје и клима.
– Оваа година видовме луѓе што страдаат од големи горештини, смртоносни поплави и пожари. Овие мрачни предупредувања се последица на секојдневното одложување за барање на одговорот на климатските промени. Ситуацијата станува сѐ покритична. Време е да сфатиме дека никој не е безбеден од ефектите на климатските промени – изјави водачката на студијата Марија Романело.
Во својот едиторијал, „Лансет“ ги повика светските лидери да пренасочат дел од милијардите што ги трошат за закрепнување од ковид-19 кон намалување на нееднаквоста и заштита на здравјето на претстојниот самит COP26.
– Годинашните показатели даваат мрачна перспектива: глобалните нееднаквости се зголемуваат, а здравствените резултати се влошуваат – додава Романело.
Студијата предупредува дека зголемувањето на температурите ќе изложи уште десетици милиони луѓе на болести и суша и глад до 2050 година.