Kонцерт на Ема Попивода на пијано и Александар Петров на тапани со композиции на теми од познати електронски хитови од историјата на електронската музика ќе се одржи во клубот „Станица 26“, на 12 април со почеток во 22 часот.

„Акустик електроникс“ е оригинален музички перформанс во кој најпознатите електронски хитови се обработени и се изведуваат на пијано и тапан.

Во потрага по нова експериментална музика, пијанистката Ема Попивода ги искористи темите на одбрани електронски песни од различен временски период, кои се подредени во еден вид историјат на електронската музика, за реверзибилно да ги обработи во класичен пијанистички стил. Во придружба на Александар Петров и моќниот звук на тапанот, кој во целост ја дополнува атмосферата, електронската музика експериментално се изведува на акустични инструменти во класичен стил. Инспирирани од современата музика, во стилот на класичните композитори, на акустични инструменти, во сосема нова возбудлива атмосфера се појавуваат песни на „Орбитал“, „Крафтверк“, „Њу ордер“, Моби…

Уметничките визуелизации што ќе се прикажуваат на екранот за време на концертот ги изработија Давор Попивода и Милан Тоциновски.