Познатата виолиниска Пламенка Трајковска со членовите на нејзниот камерен состави, во рамките на проектот ,,Класика за деца“ утре во 17 часот, ќе одржи концерт за најмладите во ООУ „Кирил Пејчиновиќ“ во скопската општина Кисела Вода.

Насловот на концертот е „Музика и танц“ и ќе биде изведен со гудачки квартет.

Преку изведбата на класичните композиции ќе биде објаснето како се восприемала музиката за танц во минатото и како таа се менувала низ времето од барок преку класика и романтизам, па сė до посовремените музички изрази.

Од почетокот на годината Пламенка Трајковска со поддршка на надлежните во општината Ѓорче Петров реализираше концерти за сите училишта на територија на Ѓорче Петров во првото полугодие. Во наредниот период таа со поддршка на локалната самоуправа ќе ги опфати и училиштата во Кисела Вода.

Освен во Скопје, Пламенка Трајковска и нејзините мали камерни состави изминатиот период реализираа повеќе концерти за деца низ градовите во Македонија.

На коцертот во гудачкиот квартет покрај Пламенка ќе настапат и Наташа Диденко на виолина, Љубица Бошкова на виола и Маја Михајловска на виолончело.

Наскоро Трајковска ќе одржи и голем концертот за деца со наслов „Што е тоа… гудачки квартет“, што ќе се случи во малата сала на Македонската филхармонија.