Модната куќа „Ив Сен Лоран“ го избра холивудскиот актер Кијану Ривс за свое ново заштитно лице. Овој избор изненади многумина, а светските медиуми пишуваат дека уште поголемо изненадување е што 54-годишниот актер, кој не сака да се експонира во јавноста, прифатил да биде модел на светскиот бренд.

– Ова е најдобриот чекор што брендот го направил во последно време – пишуваат модните критичари.

На првите фотографии Кијану позира во кожена јакна и во костум, а имиџот му е ист – долга коса и брада.

Ни актерот ни од модниот бренд засега не откриваат дали ова ќе биде единствениот моден ангажман на Кијану, или тој подолго време ќе работи за „Ив Сен Лоран“.