Втората рокенрол-ретроспектива на кичевските музички легенди, во целост ги оправда очекувањата на многубројната публика, која викендов го наполни градскиот плоштад во Кичево.

Како врвни професионалци, рок-ветераните максимално си ја завршија работата, и покрај товарот на годините, изгледаа како пред 4-5 децении. Во сите настапи се почувствува вистинска посветеност и потврда дека еднаш добро наученото никогаш не се заборава.

Ниту на Трајче му беше проблем како Ринго Стар, од времето на „Битлси“, без грешка да ги отсвири своите соло-делници ниту на д-р Ристо да звучи како на цеде. И на Перица не му беше проблем и покрај студеното време максимално да ја загрее публиката и така сите по ред го извадија од себе максимумот, да докажат дека и поодминатите години не се пречка добро да се музицира.

Граѓаните во голем број присутни на концертот, презадоволни го напуштија градскиот плоштад.

– Ова му требаше на нашиот град и не само еднаш во годината, туку во текот на летото често треба да има вакви музички случувања, па и многубројното присуство на публиката е најдобра потврда за оправданоста на овој музички настан. Нашите сограѓани се по малку гладни за музички збиднувања, а токму вакви забави со жива свирка се уште попривлечни за сите генерации – ни рече Александар Јовески, кој исто така уживаше во концерт.

Карактеристично е што во музичките групи најмногубројни беа лекарите, што е најдобра потврда за нивната поливалентност.

– Многубројното присуство на лекари во повеќето музички групи е најдобар доказ дека ние не сме ограничени личности, кои ги интересира само медицината, туку универзални личности со многу таленти во себе – вели Гоце, еден од неколкутемина лекари членови на некој од овие бендови.

Луѓето вклучени во организацијата беа презадоволни од дводневниот музички настан.

– Во овие два дена на нашите сограѓани им понудивме многу жива музика, квалитетни настапи и дружење. Сите што се појавија на сцената од најстарите до најмладите, несебично се вградија во овој, ќе речам, музички спектакл на годината, приспособен за сите вкусови и генерации – рече на крајот организаторот, Гоце Матески.
Вечерашната дружба заврши со заедничка забава на рок-ветераните во Центарот за култура и со ветување и в година да организираат сличен музички настан.