За да го искористат топлото време и да спроведат еднодневна прошетка во природа, извидниците на извидничкиот одред „Мирко Милески“ од Кичево неодамна организираа колективно искачување на врвот на планината Илиница. Грамадата вертикално се издига над градот и искачувањето се одвива отежнато поради исклучително неповолниот терен и стрмните падини.

– На ова искачување учествуваа педесетина извидници од основните и од средните училишта од градот. Иако стрмнината на падините и тешкиот терен ни создаваа мали проблеми, сепак ние со решителен чекор и цврста волја го совладавме и овој предизвик и, по нецели два часа се најдовме на планинскиот врв, од каде што допира погледот до целиот град и до целата Кичевска Котлина – вели Бобан Стојаноски, началник на извидничкиот одред „Мирко Милески“ од Кичево.

Кога се искачиле на Илиница, извидниците биле изненадени од големото количество ѓубре расфрлано на планината и одлучиле да се организираат и да го исчистат овој локалитет, со што ќе направат уште едно добро дело.

– Кога се најдовме на врвот на Илиница, бевме многу радосни што заеднички го изведовме овој потфат, но расположението ни го расипа амбиентот што го затекнавме на планината, бидејќи на врвот и околу него наидовме на големи количества расфрлано ѓубре од пластични шишиња, најлони, хартија и што уште не. Одлучивме оваа слика за миг да ја промениме и затоа пристапивме кон собирање на ѓубрето и по нецел час ги наполнивме најлоните со расфрланиот отпад и, благодарение на нашиот ангажман, ја променивме сликата на планината, а насобраното ѓубре го симнавме долу и го одложивме во првите контејнери на кои наидовме. И така, само во еден ден и за многу кратко време, ги споивме практичното и корисното и презадоволни се разделивме што, непланирано, спроведовме една ваква акција и ветивме дека слични еколошки акции ќе бидат наша редовна практика и ќе прераснат во традиција – додаде Стојаноски.