Властите во областа во кинеската провинција Јунан ќе ја преиспитаат одлуката за забрана на жителите да шетаат кучиња на јавни места од 20 ноември, пренесува Би-би-си.

Во распис било наведено дека прописите предвидуваат одземање и убивање на домашните миленици од секој што ќе биде фатен три пати при нивна прошетка.

Официјалните лица велат дека оваа одлука ги штити жителите, бидејќи имало инциденти кога кучињата не биле на поводник. Но мерката предизвикала бес на социјалните мрежи, што е причина за официјалните лица да ја преиспитаат.

– Со цел да се промовира цивилизирано одгледување на кучиња, донесена е нецивилизирана одлука – вели еден од противниците на мерката, која многумина ја критикуваат како екстремна.

Одлуката наложува сопственикот постојано да ги чува кучињата во затворен простор. Исто така, се наведува дека оваа одлука има за цел да ги навикне сопствениците на „цивилизирано“ размножување кучиња.

Според Џаипал Синг Гил, извршен директор на Здружението за спречување на суровост кон животните во Сингапур, чувањето кучиња во затворен простор може да биде „штетно за благосостојбата на животните“.

– Наместо забрана, би било подобро да ги едуцираме сопствениците за тоа што значи да се има куче и да се претстават прописи што мора да се применат – објаснува Гил, алудирајќи на шетањето на кучиња без поводник.

Според новата одлука, на сопствениците на кучиња фатени при прекршување на мерката, ќе им биде издадено предупредување за првиот прекршок. Ако тоа го сторат повторно, ќе мора да платат казна од 6,6 до 25,6 евра. Третиот пат, според новите прописи им дозволува на локалните власти да им ги одземат и усмртат домашните миленици.

Во градот Хангџоу од 2018 година е забранетa прошетка на кучиња во текот на денот, како и одгледување на некои видови покрупни кучиња. Шангај, Чингдао и Ченгду имаат строги прописи во врска со чувањето домашни миленици, со што едно домаќинство може да чува само едно куче. Во Хуангши е забрането да се одгледуваат видови кучиња кои растат поголеми од 45 сантиметри.