Емир од Џива додели племенска титула на кинескиот инженер Конг Тао како знак на благодарност за неговата помош во подобрување на инфраструктурата во главниот град на Нигерија, Абуџа, пренесува магазинот „Саут чајна морнинг пост“.

Конг Тао, кој потекнува од Пујанг во провинцијата Хенан, стана племенски поглавар на Нигерија како знак на благодарност за неговиот придонес, откако девет години работел како инженер во земјата. Тој работи како генерален менаџер на „Кинеската цивилна градежна корпорација“ во Нигерија, а неговиот тим изградил две големи железници во Абуџа, работел на поставување и поправање на патишта, како и изградба на објекти.

– Емирот Алхаџи Идрис Мусам со доделувањето на титулата сакаше да ја изрази неговата благодарност за целокупната работа која нашиот тим ја направи за областа – изјавил Тао за „Пекинг Тајмс“.

Поглаварството важи за цел живот, а за Тао претставува голема чест и одговорност. Тој исто така не е единствениот Кинез кому му била доделена ваквата титула.

Во декември минатата година, Ли Манху, вработен во градежна компанија во Нигерија, ја доби истата титула од емирот на Етунг во областа Крос Ривер. Тој почеста ја добил поради изградбата на мост што ги поврзува Нигерија и Камерун, а донел многу бенефити за жителите.

Првиот Кинез кој ја доби оваа титула во 2001 година е Ху Џигуо, кој таму отворил кинески ресторан, а исто така изградил и неколку училишта.