Кинеската национална вселенска агенција (ЦНСА) објави видеоснимка од новиот ровер „Зуронг“, што се наоѓа на Марс. На овој робот е инсталирана безжична камера, која го снимила истражувањето на регионот познат и како Утопија Планитиа. Досега „Зуронг“ поминал 236 метри за време на 42 дена на Црвената Планета. Поточно на Марс еден ден трае нешто повеќе од оној на Земјата – 24 часа и 39 минути.
– Орбитерот и роверот се во добра работна состојба и безбедно нѐ известуваат од Марс – стои во соопштението на агенцијата.
Научниците се надеваат дека роботот ќе забележи уште повеќе работи, а направен е да работи околу 90 марсовски денови. Возилото е тешко околу 240 килограми, има висок јарбол што се отвора и овозможува движење, а на него се наоѓаат камери што снимаат и прават фотографии. Машината со себе носи и пет алатки, со кои ги испитува камењата, па дури ја мери и силината на ветерот на површината на Марс. На роботот е инсталиран и ласер што може да сече камен, за да се види неговата внатрешност, а тука е и радарот што наоѓа вода или мраз под површината на планетата.
„Зуронг“ е трет активен ровер на Марс. Тој им се приклучи на американските ровери „Кјуриозити“ и „Персеверанс“. „Кјуриозити“ се наоѓа на планетата од 2012 година, додека „Персеверанс“ таму стигна во февруари годинава. Инаку, Кина има амбициозен план да направи своја база на Марс, а во тоа ќе ѝ помогне и овој ровер, кој го испитува теренот. За 2033 година е најавена првата мисија во која ќе има и човечки екипаж.