Судот во Пекинг му наредил на маж да ѝ плаќа компензација на својата поранешна сопруга за извршените домашни работи додека биле во брак, пренесуваат светските медиуми.

Одредено е неговата поранешна сопруга да добие 6.300 евра за петгодишната неплатена домашна работа додека биле во брак. Случајот предизвика голема дебата на социјалните медиуми за вреднувањето на работите во домаќинството, а според некои судот одредил мала сума.

Пресудата била донесена по воведување на нов граѓански закон во Кина.

Според одлуката на судот, Кинезот со презиме Чен, минатата година поднел барање за развод. Тој бил во брак со жената Ванг од 2015 година.

Првин, таа не сакала да се разведе, но подоцна побарала финансиска компензација, тврдејќи дека нејзиниот сопруг не помагал во домашните работи, ниту тој се грижел за нивниот син.

Окружниот суд во Пекинг пресудил во нејзина корист. Според пресудата Чен мора да и плаќа месечна алиментација од 255 евра, како и еднократна исплата од 6.300 евра за домашните работи што ги вршела додека биле во брак. Судијата за медиумите изјави дека почнала поделбата на заедничкиот имот.

– Сепак, домашните работи немаат опиплива вредност – додал судијата.

Пресудата била донесена според новиот граѓански закон донесен годинава. Според новиот закон, брачниот другар има право да бара надомест на штета доколку сноси поголем товар во воспитувањето деца, грижата за старите лица или вршењето домашни работи во домаќинството.

Според претходните регулативи, во процесот на разделување, партнерите што живеат заедно можеле да побараат таков надомест само ако се потпише предбрачен договор, што не била вообичаена практика во Кина.

На социјалните мрежи започнала голема дебата. Некои пишуваа дека одредената сума од судот е премала за извршените домашни работи за пет години. „Немам зборови! Работата на домаќинките во куќата е потценета“, е само еден од коментарите.

„Ако сакате да ангажирате дадилка во Пекинг на една година, ќе платите повеќе од 6.300 евра“, се вели во друг коментар. Други, пак, напишале дека мажите треба да вршат повеќе домашни работи. Некои истакнале дека жените треба да продолжат да работат и додека се во брак.

„Дами, запомнете дека секогаш треба да бидете независни. Не се откажувајте од своите кариери откако ќе се омажите, дајте си избор“, вели еден од коментарите.

Според Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), кинеските жени поминуваат речиси четири часа на ден извршувајќи неплатена работа дома, што е околу два и пол часа повеќе во однос на мажите.

Ова е над просекот во 37-те земји членки на ОЕЦД, каде што жените поминуваат двојно повеќе време во извршување неплатена работа, во споредба со мажите.