Кина во август годинава тестираше хиперсонична ракета со нуклеарен капацитет, што ги изненади американските разузнавачи. Ракетата го обиколи светот за време на тајното тестирање. Три лица запознаени со разузнавачките податоци тврдат дека ракетата ја промашила целта за повеќе од 32 километри.
Тие посочија дека напредокот на Кина во развојот на хиперсоничното оружје е неверојатен и дека напредува значително повеќе отколку што очекуваа Американците.
Според онлајн изданието на „Фајненшл тајмс“, со тоа се поставува прашањето зошто САД често ја потценуваат модернизацијата на кинеската војска.
Освен Кина и САД, ваков тип оружје развива и Русија. Станува збор за ракети што се движат со брзина што е пет пати поголема од брзината на звукот, но тие се побавни од балистичките проектили. Тие немаат фиксна траекторија, но може да се контролираат и затоа потешко се следат.
Тејлор Фравел, експерт за кинеска политика за развој на нуклеарно оружје и професор на Технолошкиот институт во Масачусетс, вели дека американските противракетни системи, кои можат да уништат балистички ракети, нема да бидат ефикасни против кинеските хиперсонични ракети.
Тој оцени дека би било дестабилизирачко доколку најнаселената земја во светот целосно го развие ова оружје и доколку го користи. Тестирањето ракети во август беше прикриено. Се претпоставува дека оваа ракета е развиена од Кинеската академија за вселенска аеродинамика (CAAA), пишува „Фајненшл тајмс“.