Годината на стаорецот започнува за најнаселената земја во светот и луѓето што се родени под знакот, првото од 12-те животни во кинескиот зодијак, оваа година би можеле да имаат корист од усовршување на своите комуникациски вештини. Според традиционалниот кинески календар, Кинеската нова година е прослава на почетокот на новата година, која уште се нарекува и Празник на пролетта или Пролетен фестивал.

Фестивалот, кој трае една недела и се смета за еден од најважните настани во Кина, годинава започнува на новогодишната ноќ, на 24 јануари, а ќе трае до 30 јануари.
Секоја година е на различен датум, а паѓа на првата млада месечина од првиот месечев месец, или од четири до осум недели пред пролетта. Датумот е секогаш меѓу 21 јануари и 21 февруари според Грегоријанскиот календар. Традиционално, оваа прослава се обележува со славење на едно од дванаесетте животни што се основа на кинеската астрологија.

Стаорецот е првото од 12-те животни во зодијакот. За луѓето што се родени под знакот се вели дека им се допаѓаат на сите, но со оглед на слабите комуникациски вештини, нивните зборови може да изгледаат непристојно и грубо. За нив се вели дека се доста скржави и сакаат да штедат.

Кинескиот национален радиодифузер го прикажува настанот во живо, во часовите кога секое кинеско семејство се собира заедно во домот, за да ја прослави новогодишната ноќ со богата трпеза. Според Гинисовиот рекорд, прославата во 2018 година привлекла една милијарда луѓе, со што стана најгледаната телевизиска програма во светот.

Прославата се одликува со пеење и танцување и други претстави со идеолошка порака, како и славење на војската. Весникот „Саут Чајна морнинг пост“ наведе дека овој настан стана толку важен во земјата што социјалните медиуми секогаш шпекулираат за тоа кој и што ќе се прикаже неколку месеци пред ТВ-преносот. Настапувањето на шоуто е највисоко признание во кариерата на кој било изведувач, а многумина се борат да влезат во програмата.