Кина ќе се соочи со незапирлив пад на популацијата во следните неколку декади. Се смета дека работниците во оваа земја повеќе не можат да го издржуваат сè постарото население, вели истражувањето на кое се повикува Си-ен-ен.

Истражувањето, кое доаѓа по повеќе од три години откако Кина официјално ја запре строгата и контроверзна програма преку која го ограничи населението да има само едно дете, предупредува дека ерата на негативен наталитет во најнаселената земја на светот следува по предвидувањата дека во 2019 година, Кина ќе има најмногу жители, односно ќе го достигне врвот со 1.44 милијарди луѓе.

Кинеската Академија за општествени науки вели дека намалувањето на наталитетот ќе доведе до целосно намалување на населението во земјата до 2065 година, слично како во 1990-тите години, кога Кина имала 1,172 милијарди жители. Податоците на Светска Банка од 2017 година покажуваат дека Кина моментално има 1,386 милијади жители.

Возраста на работоспособното кинеско население стагнира, а соодносот на невработени луѓе кои се зависни од вработените, пред сè пензионери и деца, продолжува да се зголемува. Долгорочно, стареењето на глобалната популација во Кина, според истражувањето, може да донесе голем број на социјални и економски последици.

Експертите предупредуваат дека зголемувањето на просечната возраст на работоспособното население ќе ги зголеми и домашните потреби на луѓето, што исто така може да предизвика сериозни последици на глобалната економија.

Откако изминаа неколку декади во кои во Кина владееше строгата политика за едно дете, во 2015 година Пекинг објави дека ја прекинува, а се смета дека оваа политика всушност предизвикувала голем број на инфантициди (убиства на бебиња и деца) и присилни стерилизации. Моментално, мнозинството на кинески семејства е ограничено на две деца.

На глобално ниво, истражувањата покажуваат дека во 2017 година светската популација изнесува 7,6 милијарди, а се проценува дека оваа бројка ќе ќе порасне до 8,6 милијарди до 2030, 9,8 милијарди до 2050 година и 11,2 милијарди до крајот на овој век. Индија, која е втора најнаселена земја во светот, се очекува да ја надмине Кина како најнаселена до 2024 година.