„Оскарите“ годинава можеа да бидат момент на гордост за Кина. Режисерката од Пекинг Клои Жао стана првата жена од Азија, и втора жена воопшто, што некогаш се закитила со најпрестижната награда за најдобра режија, благодарение на нејзината работа на „Номадленд“. Но, интервју од минатото беше причина за Кина брзо да се откаже од гордеењето со нејзините успеси, пренесува „Си-ен-ен“.

Додека успехот на Жао беше прославуван низ целиот свет, Кина остана тивка. Веста за нејзината победа не можеше да се најде на државните новински агенции, а објавите на социјалните медиуми брзо беа цензурирани. Но, Кина не го прослави нејзиниот успех. „Оскарите“ не беа воопшто емитувани во Кина, па дури ниту во Хонгконг, што се нема случено повеќе од половина век.

Причината поради која Кина е тивка за успехот на Жао е откривањето на контроверзно интервју со американскиот филмски магазин „Филммејкер“ од пред осум години, во кое Жао ја критикувала Кина, нарекувајќи ја „место во кое насекаде има лаги“. Во друго, поново интервју за австралиските медиуми, Жао беше цитирана како изјавува дека таа им припаѓа на САД, но подоцна беше појаснето дека таа била погрешно протолкувана, а всушност, го рекла спротивното.

Официјалната тишина е во контраст со март, кога Жао ја освои наградата за најдобар режисер на доделувањето на „Златните глобуси“. Тогаш кинеските државни медиуми побрзаа да ѝ честитаат за успехот, со што весникот „Глобал тајмс“ ја нарече Жао „гордоста на Кина“.

Но штетата веќе била направена. Многумина во Кина побрзаа да ја нападнат Жао, додека некои дури повикаа нејзиниот филм да биде бојкотиран. Набрзо промотивниот материјал за „Номадленд“ исчезна од Веибо, кинеската социјална мрежа слична на Твитер, а премиерата на филмот, која требаше да биде на 23 април, исто така беше тргната од веб-страниците за филмови во земјата.

Овогодинешните „оскари“ исто така се трн за кинеската влада и од друга причина, „Не распарчувај“, 35-минутен документарен филм за продемократските протести во Хонгконг кој беше номиниран за најдобар краток документарец.

Иако Жао не ја критикуваше својата земја, се чини дека еден единствен коментар стар осум години е доволен да се уништи нејзиниот имиџ, како и да го запре објавувањето на нејзиниот филм. Сепак, таа не е без поддржувачи во Кина. Многумина ѝ честитаа за успехот на платформата, но набрзо објавите беа цензурирани.

Една од популарните објави на Веибо беше и видео од говорот кој го даде Жaо на церемонијата, во која таа гордо зборуваше за своите кинески корени.