Прототип на супербрз воз, наречен „куршум“, кој развива максимална брзина од 620 километри на час, симнат е од производствената лента во Ченгду, главен град на покраината Сечуан, во југозападна Кина, извести кинеската агенција Синхуа. Тоа е прв воз од овој тип што користи високотемпературна суперспроводливост на технологијата маглев, а во целост е проектиран и произведен во Кина. Станува збор за магнетна левитација, односно меѓу возот и шините не постои контакт, а со тоа и сила на триење.
Високотемпературниот суперспроводлив маглев се разликува од постојните маглеви, кои користат технологија на суперспроводливост на ниски температури или нормална спроводливост со магнетна левитација, а оваа промена ќе овозможи постабилно возење.
Направен од лесни карбонски влакна, со нос во облик на куршум и со технологија на високотемпературна суперспроводливост, прототипот на овој воз е креиран да развива максимална брзина од 620 километри на час и веројатно е најбрзото копнено возило на светот, истакна кинеска новинска агенција Синхуа.
Кинескиот професор Хе Чуан им изјави на новинарите на презентацијата дека возот би можел да стане оперативен во наредните три до десет години.