Кино-салите во Кина повторно се отвораат по шест месеци во кои беа затворени за да се спречи ширењето на коронавирусот.

Кинеската администрацијата за филм денес соопшти дека кината спаѓаат во објекти со понизок ризик за ширење на коронавирусот и можат да ги отворат своите врати за посетители.

Кината што се отвораат ќе подлежат на строг пакет правила, според кои проекциите ќе бидат ограничени на 30-отстотен капацитет, а бројот на филмови што ќе се прикажуваат ќе се намали за 50 отсто во однос на претходно.

На посетителите ќе им се мери температура при влез во кино-салите, додека постојаното носење на маски ќе биде задолжителноза сите, без исклучок на посетителите и персоналот.

Билетите мора да се купат преку Интернет, а посетителите ќе треба да седнат на оддалеченост од најмалку еден метар.

Според новите правила, нема да биде дозволено консумирање на храна и пијалоци, што сериозно ќе се одрази врз приходите на оваа индустрија.

Кина е вториот најголем пазар од кино-индустријата во светот, по САД, со приход од 9,2 милијарди долари во 2019 година.