Британскиот дизајнер Ким Џонс е новиот уметнички директор за женска облека на италијанскиот моден бренд „Фенди“, кој е избран за наследник на култниот Карл Лагерфелд. Негови креации досега носеле многу познати личности, меѓу кои и Роберт Патисон и Рами Малек. Исто така тој го дизајнирал и костумот што го носел Дејвид Бекам на венчавката на принцот Хари и Меган Маркл.
Џонс е роден во западен Лондон, а пораснал во Кенија. Тој е мајстор за машка облека. Ги ревитализирал колекциите на „Диор“, донел свежина во креациите и соработувал со разни уметници, вклучувајќи го и Хаиме Сорајама. Неодамна работел и со сликарот Амоако Боафо од Гана, на колекцијата пролет/лето 2021 на „Диор“. Соработувал и со „Луј Витон“ и со „Данхил“.
Ким тесно соработувал и со Силвија Фенди, уметничка директорка на модни додатоци и машка облека во „Фенди“. Таа му посакала топло добредојде во компанијата, додавајќи дека за Џонс ја врзуваат „длабока почит и пријателство и оти се радува на издигањето на компанијата на повисоко ниво со неговото вклучување во работата“.
Ќе биде интересно да се види како ќе се снајде во „Фенди“, бидејќи Џонс не работел на женски колекции од 2004 година. На новата позиција тој ќе ја преземе должноста што ја извршуваше Карл Лагерфелд.